МЗ: Клиничкиот центар ќе биде прилагоден на посебните меѓународни стандарди кои се применуваат во земјите кои ги посетува Папата

Од:

Министерството за здравство информира дека за време на посетата на папата Франциск, пациентите од целата држава непречено ќе ги добијат сите потребни здравствени интервенции и со посебен план на министерството, соодветно ќе се одговори на сите итни медицински потреби на граѓаните.

Притоа, Клиничкиот центар во Скопје ќе биде прилагоден на посебните меѓународни стандарди кои се применуваат во сите земји кои ги посетува Папата, со цел најпрофесионално и најбрзо да се одговори на евентуални медицински потреби на високата делегација предводена од Папата.

Паралелно, Министерството за здравство изработи посебен план со кој ќе им овозможи непречена здравствена заштита на сите граѓани кои ќе имаат потреба.

„Согласно Посебниот план, апелираме до сите граѓани да се упатуваат во Градската општа болница „8 Септември” [Воена болница], за сите здравствени потреби, како и во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ [поранешна Градска болница] за сите потреби поврзани со дигестивна хирургија, трауматологија, ортопедски болести, реанимација и интензивно лекување, урологија и неврохирургија. Овие здравствени установи ќе бидат со полн капацитет и полна мобилност тој ден, со цел да одговорат на потребите на граѓаните“, велат од Министерството за здравство.

Клиничкиот центар останува отворен, што значи дека сите граѓани со итни потреби до кои нема да стигне апелот за користење на болниците „8 септември“ и „Св. Наум Охридски“ и кои сепак ќе се упатат кон Клинички, ќе бидат прифатени и ќе добијат интервенција.

Исто така, граѓаните можат да се упатат кон Клиничкиот центар и за сите услуги на Клиниката за детски болести и на Клиниката за гинекологија и акушерствo.

Поради посебниот режим на сообраќај, приватните возила нема да имаат пристап до паркинзите на Клинички центар, и кон него ќе се пропуштаат само возилата на Итната медицинска помош.

Забраната за пристапување со приватни возила во кругот на Клинички центар, ќе почне на 6 мај 2019 година во 18:00 часот и ќе трае 24 часа, поточно до 18:00 часот на 7 мај.

Министерството за здравство информира дека поради посебните протоколи поврзани со посетата на Папата, сите редовни прегледи на клиниките во Клиничкиот центар кои граѓаните ги имаат закажано за 7 мај во рамките на „Мој Термин“, ќе бидат презакажани во најбрз можен рок, во деновите почнувајќи од 08.05.2019 година.

Министерството за здравство ги замолува пациентите за разбирање и ги известува дека ќе ги задолжи Универзитетските Клиники да ги информираат пациентите за најбрз можен термин за одложениот преглед, односно хируршка интервенција.

Би можело да ве интересира

Ватикан ги откри најновите информации за здравствената состојба на папата

Ана Ололовска

Меџити: Информацијата за укинување на организациските директори доставена до Владата

Ана Ололовска

Манолева: Преговараме за обезбедување дополнителни средства за набавка на нови количини „трикафта“

Ана Ололовска

Манолева: Има подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, но не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет

Ана Ололовска

Меџити: Интензивно работиме на долготрајно, ефективно и квалитетно решение за проблемот со „Трикафта“

Ана Ололовска

Лекарска комора побара да му се одземе привремено лиценцата на анестезиологот што снимаше

A1on