Од МВР информираат дека проблемот со двојните матични броеви започнал уште во 1981 година и дека најголемиот дел од нив се поништени, откако на денешниот брифинг лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обелодени дека во државата постојат 20.000 граѓани со по два матични броја.
Од МВР додаваат дека оваа бројка на двојни матични броеви е неоснована и неаргументирана, имајќи ги в предвид евиденциите со кои располага институцијата.
„Одделот за граѓански работи во делокругот на своите надлежности има законска обврска да определува и поништува матичен број на граѓаните на Република Северна Македонија според Законот за матичен број ( ,,Службен весник на РСМ број 137/2013 и 55/2016,,). Матичен број на граѓанин според постоечкиот закон се определува според местото на запишување на граѓанинот во матичната книга на родени во Република Северна Македонија. Според Законот за единствен матичен број на граѓаните од 1980 година, кога за прв пат е уредено определувањето на матичниот број, и евидентирањето на матичниот број во РСМ се определувал според живеалиштето на граѓаните, а само за новородените деца според местото на раѓање, во Република Северна Македонија биле утврдени девет регистрациони подрачја. Определувањето и запишувањето на матичниот број започнало на 01.01.1981 година и требало да заврши на 31.12.1985 година. Во овој временски период направени се грешки при определувањето и запишувањето на матичните броеви што довело до определување на дупли матични броеви за едно исто лице. Покрај ова дупли матични броеви се определувале и подоцна како резултат на нецелосни проверки од страна на вработените во управните служби, погрешни податоци добиени од УВМК како и технички пропусти на постоечкиот Систем за автоматска обработка на податоците.
Заради целосно и навремено ажурирање на матичните броеви, Одделот за граѓански работи, Секторот за управно надзорни работи, Одделението за државјанство, граѓански состојби и матичен број се вклучи во овој процес во делот на утврдувањето на дуплите матични броеви, изготвува списоци со податоци и ги доставува до ОУР Скопје за понатамошна постапка за проверка во матичната евиденција и нивно поништување. Досега се обработени дупли матични броеви за тековни години од 1954 до 2019 година. Од 1930 година до 1954 година постапката за проверка на овие матични броеви е во тек и во овој период од направената анализа има помал број на вакви матични броеви.
Само за илустрација во ОУР Скопје од 660 двојни матични броеви, поништени се 580, а за 80 постапката е во тек и се однесуваат за евиденција од матичните книги од месните канцеларии на УВМК Скопје и 213 матични броеви кои се за матична книга на родените за Скопје“, велат од МВР.