Министерството за внатрешни работи преку соопштение извести дека техничкиот министер Наќе Чулев постапувал согласно закните, обвинувајќи дека Владата не може да поништи решенија за распоредување на работници, бидејќи таа има надлежност да поништи само пропис или акт кој не е во согласност со Уставот и законите. Ова доаѓа откако на владина седница беа поништени 88 решенија потпишани од Чулев, за кои „А1он“ дознава дека немаат потпис од дополнителната заменик-министерка, Славјанка Петровски, како што налага Пржинскиот договор, според кој се формира техничка влада.
„Врз основа на член 30 став 2 и член 36 став 3 од Законот за Влада, Владата на седницата одржана на 9 февруари 2020 година донесе Одлука за поништување на решенијата за распоредување на работно место, со која се поништуваат 88 решенија за распоредување на работници во Министерството за внатрешни работи.
Во врска со одлуката, министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев денеска достави известување до вработените во кое наведува дека согласно член 47 став 1 од Законот за организација на работата на органите на државната управа со работата на министерството раководи министерот.
Во известувањето, министерот наведува дека согласно член 30 од Законот за Влада, Владата има право и должност да укине или поништи прописи или други акти на министерството, органите на државната управа и управните организации, кои не се во согласност со Уставот, законот или друг пропис на Собранието, односно прописи на Владата.
Имајќи ги превид наведените одредби, со Одлука на Владата може да се поништи пропис или акт на министерството, кој не е во согласност со Уставот и законот, а не може да се поништи конкретно решение за распоредување на работникот бидејќи истите не се прописи и од тие причини не може да бидат поништени од Владата, туку се поништуваат со соодветна постапка од работен однос. Во интерес на законските прописи, потребно е да постапувате единствено и исклучиво во согласност со истите, се вели во известувањето од министерот Чулев.
Оттука, со цел да продолжите без никакви притисоци и совесно и одговорно да ги извршувате работните задачи и обврски кои произлегуваат од Вашите работни места, министерот Чулев укажува дека согласно Законот за организација на работата и органите на државната управа и Законот за внатрешни работи, министерот е функционерот кој раководи со министерството.
Одлуката на Владата со која се поништуваат конкретните решенија за распоредување на работниците во Министерството за внатрешни работи е противзаконска и донесена во постапка која е спротивна на одредбите од прописите кои го регулираат работењето на Владата, а особено во спротивно со одредбите на Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за Влада.
Истовремено, укажувам дека постапување спротивно прописите повлекува кривична одговорност, односно злоупотреба на службената положба и овластување што е казниво согласно одредбите на Кривичниот законик, потенцира министерот Чулев во известувањето.
На крајот министерот потенцира дека вработените треба да ги почитуваат исклучиво законските одредби за хиерхиската поставеност и одговорност, која е нужна за непречено функционирање и остварување на надлежностите на МВР“, пишува во соопштението испратено од Министерството за внатрешни работи.