МВР со решение го пензионира началникот Велковски, без да му понуди да остане во МВР

Од:

Лазе Велковски повеќе не е началник на Одделот за сузбивање на организиран криминал. Министерството за внатрешни работи го пратило во пензија, за што изготвило и решение. Извори за „А1он“ тврдат дека за разлика од останатите службеници, на Велковски не му била дадена можност да се изјасни дали сака да се пензионира или да продолжи да биде вработен во МВР. Оваа можност, согласно Законот за внатрешни работи – постои.

Праксата на МВР е да побара од службениците сами да се изјаснат дали сакаат да се пензионираат, а доколку прифатат, им се дава можност да го искористат годишниот одмор, па да им биде врачено решението. Доколку не прифатат, со писмена изјава бараат продолжување на договорот за вработување. Според извори во МВР, на Велковски не му била дадена оваа можност, туку му било изготвено решението. Но тој, сепак поднел писмена изјава.

Иако нема одговор на писмената изјава од Велковски, од МВР веќе именуваа и нов времен началник. За началникот Велковски кој е во заминување, од МВР велат дека исполнил услови за да се пензионира. Оттаму нема информација за поднесената писмена изјава за барање на продолжување на договорот за работа, ниту, дали и како е одговорено на истата.

Тој го исполни условот за пензионирање – 40 години работен стаж, со што работниот однос му престанува согласно Законот за внатрешни работи. На негово место, со времено решение, е поставен Ветон Кранлиевски, државен советник во Кабинетот на министерот и долгогодишен вработен во Министерството за внатрешни работи“, велат кусо од МВР.

За информациите дека без да му се понуди да остане на работа му било дадено решение за пензионирање, началникот Велковски за „А1он“ кажа дека не може да зборува. Тој објасни дека без дозвола од МВР и министерот Спасовски, не смее да дава изјави во јавност.

Со Законот за внатрешни работи е предвидено сите службеници кои имаат 40-годишен работен стаж можат да се пензионираат, но, и, да побараат да им се продолжи договорот за уште пет години. Дополнително, се наведува: „Министерството е должно по дадената изјава да го продолжи договорот за вработување…“. Токму на ваков начин, илјадници службеници во МВР го имаат продолжено својот работен однос, бидејќи законот не остава простор за одлучување по автоматизам се продолжува договорот.

Решението кое му е издадено на Велковски треба да стапи во сила од вторник, кога тој навршува 40 години работен стаж. Ако до тогаш не му биде продолжен договорот за работа согласно Законот, тој заминува од МВР и началничката функција.

Исто така, Велковски е соработник на обвинителката Вилма Русковска во Обвинителството за гонење на организиран криминал. Но од шефицата на оваа институција нема одговор дали ќе остане да ја извршува таа функција по одлуката на МВР да му даде решение за пензионирање.

Велковски стана началник откако беше разрешен од функцијата директор на Бирото за јавна безбедност, по барање на министерот Оливер Спасовски и одлуката на Владата.

Би можело да ве интересира

Инспектор нападнал началник во просториите на полицијата во Радовиш

А1он

МВР: Кривична за началник на Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје

Почесниот конзул на Косово, Арсим Папранику на распит во полиција

ВИДЕО: МВР објави детали за акцијата во Арачиново, пронајден арсенал оружје

Катерина Ѓуровски

СДСМ: МВР имала поставено контрола кај Блаце, но откако избегал Груби им кажале кого треба да стопираат

Катерина Ѓуровски

Запалено возилото на поранешниот началник на СВР Штип

Катерина Ѓуровски