Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава за градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, кој по тестирањето за Ковид – 19 не се самоизолирал додека го чекал резултатот туку се појави на прославата на Водици. Кривична доби и секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, кој се тестирал заедно со градоначалникот и добил позитивен резултат.
Од МВР за „А1он“ велат дека кривичните пријави до Обвинителство се поднесени пред два часа.
„Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ’непостапување според здравствените прописи за време на епидемија’, СВР Охрид до надлежното Обвинителство поднесе кривична пријава против К.П.(37) и А.К.(37), двајцата од Охрид. Пријавените, на 19.01.2022 година се тестирале за дијагностицирање на коронавирус и, наместо во самоизолација, согласно одлуките за превентивни препораки за заштита на здравјето на населението од заразната болест, истиот ден, присуствувале на јавната верска манифестација по повод верскиот празник ’Богојавление- Водици 2022 година’ одржана во Охрид“, велат од МВР.
Градоначалникот Кирил Пецаков за „А1он“ веќе изјави дека не се изолирал оти се тестирал за зимување во Банско, Бугарија, а по два дена го повторил тестот и добил негативен резултат, но и покрај тоа го почитувал добиеното решение за изолација и не заминал на зимување.
Секретарот Александар Китески, пак, кој се тестирал заедно со градоначалникот и тој добил позитивен резултат, а подоцна и негативен, за „А1он“ изјави дека се сомнева дека некој им ги подметнал позитивните резултати.