МВР ќе распише оглас за 400 полицајци

Од:

Министерството за внатрешни работи утре ќе распише Јавен конкурс за прием на 400 извршители на работно место „Полицаец“ за работа во организациските единици сместени во Скопје, најави денеска на прес-конференција министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Кандидатите кои ќе ги исполнат условите и кои ќе бидат избрани по направената селекција, ќе склучат договор за основна обука за кандидат за полицаец во времетраење од една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи.

– Како и при распишувањето на претходните два конкурси за прием на полициски службеници, кандидатите треба да исполнуваат и општи услови. Да се државјани на Република Македонија, да се полнолетни а да не наполниле 25 години, да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование, да се здравствено и психофизички способни и со правосилна пресуда да не им е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност, информира Јанкулоска.

Освен општите, кандидатите треба да ги исполнуваат и посебни услови, односно телесна висина од најмалку 175 сантиметри за мажи и 165 сантиметри за жени, како и висока лична физичка и психичка подготвеност за извршување на полициските задачи.

Селекција на кандидатите ќе се спроведува во пет фази од Комисија формирана за избор на кандидат за полицаец. На почеток ќе се врши административна проверка, потоа моторички способности, писмено тестирање, интервју и на крај здравствен преглед што ќе го спроведе Здравствена омисија.

– Како и при претходниот прием на полициски службеници, предуслов за натамошно продолжување со селекцијата ќе биде минимумот од 60 стомачни склекови, 55 градни склекови, трчање на 3.200 метри за 13 минути и 30 секунди и 10 згибови на вратило за мажи, додека минимумот за женските кандидати ќе изнесува 60 стомачни склекови, 27 градни склекови и 3.200 метри за 16 минути и 30 секунди, како и други физички проверки, кои би биле определени од страна на Комисијата. По завршување на физичкиот дел, ќе следува писмено тестирање кое опфаќа општообразовен тест и психолошки тест, по што ќе се спроведува поединечно интервјуирање, односно разговор со секој кандидат за полицаец, кој ги поминал претходните фази. Последна фаза во селекцијата ќе бидат здравствените прегледи, односно проверката на здравствените и психофизичките способности на кандидатите. Истите во постапката за селекција ќе се утврдуваат од страна на Здравствена комисија која што ќе биде формирана за таа намена, истакна Јанкулоска.

Заинтересираните кандидати ќе треба да достават уверение за државјанство, извод од матична книга на родените, диплома за завршено четиригодишно образование, доказ дека со правосилна пресуда не му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност и две фотографии во големина на патна исправа. Документите треба да бидат во оргинал или копии заверени на нотар.

Пријавата со потребната документација, кандидатот е должен да ја поднесе лично во едно од определените места за пријавување, и тоа: СВР Скопје во Полициските станица од општа надлежност-Гази Баба, Бит Пазар и Карпош, како и во останатите Сектори за внатрешни работи, односно Битола, Велес, Куманово, Тетово, Охрид, Струмица и Штип. Кандидатот е должен при поднесување на потребните документи, со себе да носи лична карта или пасош за идентификација. Огласот трае 15 дена од неговото објавување.

По селектирањето, 440 кандидати за полицаец  ќе склучат договор за основна обука за полицаец, што е за 10 проценти поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој огласот.

Кандидатот кој за време на едногодишната обука постигнал резултати според критериумите и е соодветно внесен во ранг листата ќе склучи договор за вработување.

– При селекцијата ќе биде земена предвид соодветната и правичната застапеност на сите етнички заедници во Република Македонија од редот на кандидатите кои ги исполнуваат општите и посебните услови како и психо-физичките и моторички способности, а Министерството особено ќе внимава и на соодветната родова застапеност на кандидатите кои ги исполниле условите на обата пола од кандидатите во секоја етничка заедница согласно позитивните законски прописи, нагласи Јанкулоска.

Потенцира дека условите за прием на полицајци се идентични со оние од претходниот конкурс, бидеќи , како што рече,  нема причина да се менува варијантата која се покажа како најпродуктивна.

По завршувањето на овој конкурс, Министерството ќе добие вкупно 1.100 нови млади полициски службеници, што ќе претставува значително освежување на кадарот и многу поголема мобилност и ефикасност на униформата.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Панче Тошковски го суспендира командирот од Ропотово, Даница Чадиева од СДС преку Второстепена го враќа

Полицајци земале поткуп од странци, па им фингирале документи дека влегле или излегле од Македонија

(ВИДЕО) Кузеска: Скандалот во МВР со испитниот центар смрди на корупција!

Млада жена се обидела да ја убие бабата на сопругот, поведена истрага

МВР: На ниту еден граѓанин не му беше скратено правото да присуствува на вчерашниот протест во Кочани

Предраг Петровиќ

Скопјанка криумчарела мигранти од Египет