Член на семејството Зеќири од Радишани, кое беше цел на напади со националистичка позадина, Фаик Зеќири, вчера се сретна со градоначалникот на Бутел и двајца претставници на Министерството за внатрешни работи, со кои зборувал за проблемите со кои се соочува ова семејство, се наведува во дневниот билтен на невладината организација „Цивил“.
„Цивил“ денеска го контактирала Фаик Зеќири, кој револтирано изјавил дека од МВР им рекле дека треба да не излегуваат од дома и да не даваат изјави на новинари и невладини организации, затоа што тие не можат да помогнат за решавање на случајот.
– Тие ми рекоа да седиме дома и да не даваме изјави на новинари и невладини организации, затоа што тие не можат да ни помогнат. Како да не даваме изјави, кога бевме нападнати седум пати и ниеден случај не беше решен. Тие не ме прашуваат како ми е семејството и каде се половина од моето семејството – рекол Зеќири.
Петрит Сарачини, граѓански активист, вели дека институциите молчат за трагедиите што му се случуваат на ова семејство.
– Фрлањето бомби и постојаните закани кон ова семејство ја отсликуваат лошата состојба на меѓуетничките односи во државата. МВР дава негативна порака со тоа што ваквите случувања остануваат неказнети. Сите институции треба да преземат сериозни чекори за да се придонесе за решавање на овој случај – истакнува Сарачини.
Првата албанска партија која реагираше во врска со случајот е Партијата за демократски просперитет, која бара одговорност од Демократската унија за интеграција.
„ПДП смета дека овие напади имаат за цел етничко чистење на оваа територијата населена со Албанци и јавно ја прашува албанската партија на власт ДУИ дали има намера да преземе мерки за албанските граѓани кои живеат во овој регион да имаат мирен живот. ПДП инсистира на тоа Министерството за внатрешни работи да излезе со јавно објаснување за ова што се случува во Радишани и да каже какви мерки се преземени досега за да престанат нападите врз ова семејство кое е принудено да го напушти родното место и да бара засолниште надвор од државата”, се наведува во соопштението на ПДП.
МВР сè уште не излезе со информации за овој случај.