Во Воениот музеј во Скопје денеска е отворена музејска поставка „100 години од Првата светска војна: Италијанската армија на Македонскиот фронт 1916-1918“.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски, на отворањето рече дека со изложбата пред македонската јавност се презентираат досега необјавени музејски и воени-историски материјали за учеството на италијанската армија на Македонскиот фронт, донирани од Амбасадата на Италија во Скопје на Министерството за одбрана.
– Тие претставуваат изворен материјал што прв пат, една земја учесничка на Македонскиот фронт, ги споделува со институциите на Македонија. Оригиналните фотографии и карти од позициите на Македонскиот фронт, снимени од италијанската армија, можат да се применуваат за лоцирање на рововските линии, но истовремено може да се користат за културно историски содржини. Историјата не учи дека во клучните моменти на решавање на воените исходи, нашата територија и луѓе, дале големи човечки и материјални жртви и придонес за завршување на Првата светска војна, рече Јолевски.
Посочи дека заедно со Македонците и другите нации на територијата на Македонија на Македонскиот фронт од 1916 година војувале и Италијанците и дека покрај повеќе од 15 илјади загинати Македонци во Првата светска војна во борбите на Македонскиот фронт загинале и околу 5.000 Италијанци и околу 10.000 ранет.
Италијанскиот амбасадор во Македонија Карло Ромео, на отворањето рече, дека панорамските фотографии што се изложени се меѓу малкуте ретки документи од тоа време кои што ги утврдуваат позициите на завојуваните делови на терен, овозможувајќи 100 години подоцна да имаме јасна и детална презентација на Македонскиот фронт.
– Донираните фотографии и карти направени од италијанската армија се контретен пример за одличните и цврсти билатерални односи меѓу двете земји. Операциите на Македонскиот фронт ја чинат Италија повеќе од 10.000 војници, изложбата ја посветуваме на нив и нивото сеќавање, рече Ромео.
Директорот на Воениот музеј Александар Стојчев, рече дека музејска поставка е составена од 150 автентични фотографии и 25 карти архивирани во воениот географски институт во Рим и други институции во Италија.
– Централно место во изложбата имаат 16 серии од панорамски фотографии од различни позиции на Македонскиот фронт. На два големи фото-тапети се прикажани позициите на кота 1050 во близина на Битола и позициите кај Дојран и Дојранското Езеро. Симболично се изложени и дел од материјалните остатоци пронајдени на фронтовските позиции кај Битола и Дојран, рече Стојчев.