Дијалогот, граѓанското општеството и младите не се само привилегија, туку тие се суштински столбови на демократска Европа во процесот на проширувањето, истакна денеска министерот за европски прашања Орхан Муртезани по неговото учеството на Форумот за проширувањето на ЕУ насловен „Градење инклузивна иднина во проширена ЕУ: Улогата на социјалниот дијалог, граѓанското општество и вклученоста на младите“ во Брисел.
– Северна Македонија е подготвена да продолжи да чекори по европскиот пат во ваквиот дух и со обновена национална решителност. Денешните дебати уште еднаш ја потврдија очигледната, но често занемарена вистина дека процесот на проширување не е геополитичка алатка, туку морална посветеност. Посветеност кон демократијата, дијалогот и достоинството на секој европски граѓанин, без оглед на границите, историјата или јазикот што го зборува, рече Муртезани на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК), Оливер Ропке и црногорската министерка за европски прашања Маида Горчевиќ.
Муртезани нагласи дека во пристапниот процес земјава мина долг пат обележан со истрајност, реформи и со непоколебливо уверување дека Европската Унија, пред се, е Унија на вредности, но дека сепак има и моменти кога се потсетуваме оти принципите мора да се бранат подеднакво решително, како и границите.
– Проширувањето не смее да стане заложник на идентитетски политики, туку мора доследно да се придржува до Копенхашките критериуми – јасни, фер и применливи за сите. Ќе продолжиме да го даваме нашиот придонес преку спроведувањето реформи, градењето институции и негувањето на социјалниот дијалог. Истовремено, цврсто сме уверени дека Европската Унија за која веруваме дека е изградена врз правда, почит и инклузија, исто така ќе продолжи да дава свој придонес кон нашата заедничка европска иднина, истакна Муртезани.
Во однос на Планот за раст на Западниот Балкан, Муртезани нагласи дека тој е инструмент што треба да им помогне на земјите кандидати за членство да ја постигнат крајна цел – полноправно членство во Европската Унија, но исто така помага не само во борбата против евроскептицизмот, туку и им овозможува на граѓаните на овие држави да почувствуваат некои придобивки што претходно беа предвидени исклучиво за граѓаните на членките на Европската Унија.
– Мислам дека тоа ќе претставува дополнителна поддршка и политички капитал за европската интеграција. Само би сакал да додадам дека постепената интеграција е важна, но никогаш не може да биде замена за полноправно членство, рече Муртезани.
Ропке, од своја страна нагласи дека проширувањето на ЕУ не е само геополитичка стратегија, туку демократско ветување и тоа мора да го поттикне учеството на младите во граѓанскиот сектор и во вистинскиот дијалог.
– Денес имавме јасна посветеност од нашите партнери од Црна Гора, Северна Македонија и другите и тоа не се само политички сигнали, туку се и морални и социјални обврски. Ако овој процес сака да го задржи кредибилитетот, тој мора да биде фер, базиран на заслуги и предвидлив, рече Ропке.
Тој нагласи дека Комитетот ја поддржува целта на Црна Гора да се приклучи кон ЕУ до 2028 година и се надева дека тоа ќе го сторат и Албанија и Македонија до почетокот на следната деценија.
Ропке истакна дека денешниот форум не е само формална дебата, туку и обид да се даде отворен и инклузивен пристап кон процес на проширување, со активно вклучување на граѓанско општество во него и со силен социјален дијалог.
– Убедени сме дека за пристапувањето не може да се преговара само зад затворени врати, туку мора да бидат вклучени и оние кои го носат темпото на реформите – граѓанското општество, социјалните партнери, а особено помладата генерација, рече Ропке.
Тој нагласи дека токму затоа ЕЕСК решил да го вклучи организираното граѓанско општество од земјите кандидати за членство во обликувањето на неговите мислења заедно со претставници на државите членки на ЕУ, затоа што целта на Комитетот не е да зборува со кандидатите, туку да соработува со нив.
Според Ропке, проширување не може да се оствари без одржлива, соодветна и целна финансиска поддршка за пристапниот процес, затоа во тој контекст добар сигнал е што со предлогот за следната Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година се предвидува пристап на кандидатите за членство до целиот пакет алатки на инструментот „Глобална Европа“.
Министерката Горчевиќ истакна дека пристапувањето на Црна Гора кон Европскиот економско- социјален комитет во февруари 2024 година претставувало значајна пресвртница на нејзиниот европски пат, бидејќи не само што ја продлабочи соработката, туку ја потврди и посветеноста на инклузивно креирање политики и промоција на заедничките европски вредности.
Таа додаде дека верува оти социјалниот дијалог со граѓанското општество и ангажманот на младите се столбовите на отпорна и демократска Европа, па затоа Црна Гора презела напори за активно учество на цивилниот сектор во преговорите за членство во ЕУ.
– Црна Гора пристапува кон процесот на проширување со сериозност, материјална зрелост и решителност, со отворени сите преговарачки поглавја и седум веќе затворени, со јасна цел да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година и да оствари полноправно членство до 2028 година. Остануваме цврсто водени од принципот на заслуги и од заедничката визија за обединета, мирна и просперитетна Европа, истакна Горчевиќ.