Мостот на река Пчиња е еден од мостовите во исклучително лоша состојба, соопштија надлежните од Центарот за управување со кризи. За состојбата алармираа жителите на Пчиња кои стравуваат дека ќе останат отсечени од Куманово.
Според надлежните од ЦУК, за состојбата е информирана и Општина Куманово кои ангажирале и експерт од Институтот за сеизмички градби и климатски промени. Оттаму дале мислење дека мостот мора да се санира или да се руши и да се изгради нов, а дотогаш да се забрани за користење.
На последната прес-конференција кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски информираше дека оштетените столбови на мостот на реката Пчиња во кумановското село ќе се санираат со средства обезбедени преку проект. Општина Куманово аплицирала со два проекти до ЕУ, за санација на мостот во селото Пчиња и за изградба на мост во Довезенце.
-Ние аплицираме на два проекти во ЕУ, едниот е за реконструкција на мостот на река Пчиња во село Пчиња и вториот е изградба на нов мост во село Довезенце преку Крива Река. Во моментов се аплицирани и чекаме одговор да видиме што ќе се случи. Општината нема финансиски капацитет, да го реши овој проблем, изјави претходно, градоначалникот на Куманово, Димитриевски.
Столбовите на мостот видно се оштетија при последните врнежи од дожд во регионот. Жителите на Пчиња во неколку наврати реагираа за мостот, стравувајќи да нè останат отсечени не само тие, туку и жителите на соседните села. Мостот на Пчиња е изграден во 60-тите години од минатиот век од тогашната армија.