Со донесувањето на решението за распишување на предвремените парламентарни избори од страна на претседателот на Собранието законодавецот пропушти шанса да овозможи услови за побрзо и поефикасно прочистување на Избирачкиот список. Toa можеше да го направи преку донесување на измени на законите за живеалиште и престојувалиште, лична карта, општа управна постапка и управни спорови – измени предложени од страна на Граѓанската асоцијација МОСТ на 1-ви април 2016 г.
Ја поздравуваме одлуката на ДИК да изврши проверка и на оние 124.072 избирачи за кои претходно одлучи да не бидат предмет на никакви проверки. Напомнуваме дека кусите временски рокови за спроведување на теренската проверка и процесите поврзани со неа негативно влијаат врз нејзиниот квалитет, а со тоа и врз целокупниот процес на прочистување на Избирачкиот список. И покрај огромните вложени напори на ДИК, ваквите фактори оневозможуваат да се подготви квалитетен Избирачки список во кој сите ќе имаат доверба.
Дополнително, ги потсетуваме Владата, политичките партии и јавноста дека доколку изборите се одржат без да биде објавен Избирачкиот список во формата пропишана со член 31, став 2, точка 28-г од Изборниот законик и во која првично беше објавен, граѓаните воопшто нема да имаат доверба, ниту во Избирачкиот список, ниту пак во изборниот процес.
Сите овие предизвици сериозно го доведуваат во прашање прочистувањето на Избирачкиот список, кој е еден од условите за спроведување на кредибилни избори, како што беше истакнато и од страна на претставниците на меѓународната заедница.
Што се однесува пак до вториот од условите – одвојување на државата и партијата, МОСТ одржа прес-конференција на 6 април на која извести дека случаи на мешање на државата и партијата се забележани во 22 општини, што претставување повеќе од ¼ од вкупниот број на општини.
Собранието исто така не донесе измена и на Изборниот законик со која требаше да ги редефинира границите на изборните единици, имајќи предвид дека изборните единици 3, 4 и 6 веќе го надминуваат законското отстапување од најмногу минус 5% до плус 5% во однос на просечниот број на избирачи по изборна единица, пропишано со член 4, став 7 од Изборниот законик. Ова отстапување може и да се промени по евентуалното бришење на одреден број на избирачи и спроведувањето на јавниот увид во Избирачкиот список. Со ова се доведува во прашање легалноста на изборите и изборните резултати кои подоцна може да бидат предизвикани врз основа на нееднаквата вредност на гласот во различните изборни единици.
Имајќи го предвид горенаведеното, Граѓанската асоцијација МОСТ ќе продолжи да ги набљудува политичките процеси за што навремено ќе ја информира јавноста.