МОСТ и меѓународната заедница упатија апел за фер, слободен и мирен изборен ден

Од:

Вториот круг од Претседателските и Предвремените парламентарни избори 2014, Граѓанската асоцијација МОСТ ќе ги следи со 1712 набљудувачи, број со кој ќе се покријат исто толку гласачки места во Република Македонија. Со овие набљудувачи на МОСТ се покриваат 50 проценти од гласачките места во целата држава, односно 50 проценти од гласачките места во рамките на секоја општина.

Набљудувачите на МОСТ ќе бидат статични, и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање на гласачките места. Покрај тоа, МОСТ ќе има и 84 мобилни тимови од двајца набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги набљудуваат повремено оние места на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи.

Покрај гласањето на 27 април, денес МОСТ го набљудува и предвременото гласање на болни и немоќни лица, внатрешно раселени лица, лица во затвор и лица во куќен притвор.

Граѓанската асоцијација МОСТ на денешната прес конференција, заедно со претставниците од меѓународната заедница, упати апел за одржување на фер, слободен и мирен изборен ден. Г-динот Дарко Алексов истакна дека МОСТ верува дека учесниците во изборниот процес ќе покажат демократска култура, а граѓаните во недела ќе можат слободно да ја изразат својата волја.

Во таа насока беше и изјавата на Амбасадорката на Сојузна Република Германија во Р. Македонија, г-а Гудрун Штајнакер, која изјави: „ Ве повикувам во недела секако да излезете на гласање. Искористете го Вашето право што Ви е загарантирано со македонскиот устав да ги изберете Вашиот претседател и Вашата влада. Вашата одлука донесете ја слободно и независно. Гласајте за претседателот, за кој сметате дека најдобро ќе ја претставува Вашата земја и гласајте за партијата за која Вие, и само Вие самите, сметате дека е најдобра за да владее со Вашата земја. Не дозволувајте ниту поединци ниту пак некоја организација да влијае и да Ве импресионира при донесувањето на Вашата одлука. Вашата иднина е ставена на коцка. И Вашата одлука решава за иднината на Вашата земја.“

Амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Р.Македонија, г-дин Кристофер Ивон пак истакна: „Позитивната меѓународна оценка за изборниот период може да го потенцира кандидатскиот статус на Македонија за ЕУ и дополнително да ја демонстрира нејзината подготвеност за започнување на пристапните преговори со ЕУ. По завршувањето на изборите, за зачувување на македонскиот демократски кредибилитет, ќе биде потребна посветеност од сите политички партии да земат учество во вистински политички дијалог и да покажат цврсто почитување на демократските институции.“

На него се надоврза и Амбасадорот на Швајцарија во Р. Македонија, г-дин Стефано Лазарото, кој посочи: “Швајцарија е силно посветена во поддршката на процесите на демократизација во Македонија. Граѓанското учество во политичкиот живот на една земја, е еден од предусловите за добро функционален демократски систем. Искористете го ова фундаментално демократско право. Би сакал на сите граѓани на Македонија да им посакам слободен, мирен и пријатен ден на избори.“

За крај, МОСТ уште еднаш напомена дека жолтите маици, на кои на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано  “Мониторинг 2014“, овластувањата од МОСТ и акредитациите од ДИК, истакнати на видно место, се препознатливиот белег на граѓаните, кои како домашни набљудувачи се дел од тимот за набљудување на Граѓанската асоцијација МОСТ. Обележјата на набљудувачите оваа година се разликуваат од тие од претходните години и затоа МОСТ потенцира дека набљудувач на организацијата е единствено оној граѓанин кој носи маица и овластување исклучиво од овие избори.

Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, ќе биде отворена бесплатната телефонска линија 080 080 080. Доколку граѓаните не се сигурни на кое избирачко место гласаат, со внесување на своите податоци можат да проверат на интернет страната izbirackispisok.gov.mk.

Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на изборите, МОСТ ќе ги соопшти на јавноста на четри конференции, кои ќе се одржат во 9, 11, 14 и 19 часот. Дополнителна конференција ќе биде одржана по пребројувањето на гласовите.

Проектот “Домашно набљудување на Претседателските и Предвремените парламентарни избори 2014 “ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од страна на Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Швајцарската агенција за меѓународен развој и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Нова драма во САД: Брод удри во мост, се излеа нафта, спасувачките служби го блокираа сообраќајот

Горан Наумовски

Русија: Украинците подготвуваат напад на мостот на Крим, Западот им помага, а одмаздата ќе биде погубна

А1он

Објавена аудио снимка од хероите од Балтимор: „Веднаш блокирај го сообраќајот на мостот“

Горан Наумовски

Исчезнатите работници на мостот во Балтимор најверојатно загинале

Горан Наумовски

Сонар откри дека има возила во водата под урнатиот мост во Балтимор

(ВИДЕО) Ангелов револтиран поради мостот кај Визбегово: Некој може да биде убиен од овие коцки

А1он