МОН: Просечена оценка на екстерното тестирање 3.63, приговори до 27 јуни

Од:

Просечната оценка на екстерното тестирање на учениците по вкупно 368.115 тестови по сите предмети и во сите одделенија и години на образование е 3.63, што е подобро за 0.38 процентни поени од минатата година, кога просекот беше 3.25.

Резултатите од тестирањето по сите наставни предмети беа објавени вчера во училиштата, а денеска на  прес-конференција ги соопшти министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми. Тој е задоволен од подобрувањето на вкупниот просек во однос на екстерното од минатата година.

– Има подобрување во целиот процес, имаме поддршка и од наставниците и од професорите и тоа е добро и позитивно за образованието во Македонија. Отпорот што на некој начин постоеше на почетокот, сега веќе не постои, соработката е многу голема и ова се прифаќа како голема реформа, рече Адеми.

Најдобри резултати биле постигнати по предметот Етика на религиите (4.42), а најслаби по предметот Технологија на обработка (2.37).  Во основното образование, пропорционално на бројот на ученици, највисока просечна оценка имаат учениците од ОУ „Гоце Делчев“ во Општина Центар (4.94), а најслаба во ПОУ „Сандо Масев“ во село Баница, Струмица (1.93).

Од средните училишта со најдобар просек на екстерното се учениците од гимназијата „Орце Николов“ (4.57), а најслаба просечна оценка има кај средношколците во текстилното „Ѓоце Стојчевски“ во Тетово (2.03).

Ова се првични резултати, зашто до 27 јуни е рокот за приговори и можност да се  прифатат тие што ќе бидат издржани. Приговорите се поднесуваат до училишните комисии и до денеска напладне пристигнале околу 100.

Екстерното се спроведе од 2-ри до 10 јуни и ги опфати учениците од четврто одделение до трета година средно образование, зашто матурантите поради обврски со државната матура беа тестирани во јануари.

Од 188.905 ученици во 680 основни и средни училишта во Македонија, по два предмета биле тестирани 182.310. Еден предмет полагале 3.495 ученици, а воопшто не биле тестирани 3.100 ученици. За тие кои оправдано отсуствувале во јуни, ќе бидат тестирани во сесијата во август. Оценките од екстерното тестирање ќе бидат впишани во свидетелството на ученикот и ќе влијаат на неговиот просечен успех.

Резултатите од тестирањето на осмоодделенците беа први објавени минатата недела поради рокот за запишување во средно образование. Просечниот успех на екстерното тестирање на годинашните полуматуранти е 3.67 и е повисок за  0,14 процентни поени од лани кога просекот беше 3.53.

Проверката на наставниците кои предаваат од прво до трето одделение и на тие по практичните предмети и предмети за вештини, ќе ја прават училишните комисии, преку портфолијата на учениците, т.е. она што тие го сработиле во текот на наставата, информираше  Мируше Амети, директор на Државниот испитен центар.

– Од вечерва училиштата ќе добијат распоред за кои наставници, за кои предмети и за кои ученици училишната комисија ќе ги разгледува портфолијата, а ќе се спроведе електронски, рече Амети.

Електронското екстерно тестирање е проект воведен минатата учебна година. Целта е да се оцени колку наставниците објективно го вреднуваат знаењето на учениците. Законот предвидува награди и казни за наставниците со најмалку, односно најмногу отстапување меѓу оценката од тестот и оценката која ученикот ја добил во наставата.

Ранг-листата на наставниците од минатото екстерно не беше објавена поради изборите. Адеми рече дека во составувањето на ранг-листите за тестирањата за минатата и за  оваа година  ќе учествуваат и синдикатите и сите засегнати страни и институции во образованието.

– Ранг-листите ќе ги објавиме затоа што ќе нема смисла одвивањето на целиот процес доколку некој не биде казнет. Концептот на екстерното е  да имаме реално оценување, додаде Адеми.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Екстерното тестирање беше една од најголемите антиреформи

Наум Локоски

МОФ: Екстерното тестирање постигна само оштетени ученици и професори и залудно потрешени пари

Наум Локоски

МОН: Укинувањето на екстерното тестирање објавено и во Службен весник

Наум Локоски

ВИДЕО: Укинато екстерното тестирање

Наум Локоски

Законите за укинување на екстерното и локалните избори во скратена постапка во македонското Собрание

Наум Локоски

(ВИДЕО) Дескоска: Утре се укинува екстерното тестирање

Ана Ололовска