МОН: Повеќе високообразовани граѓани меѓу 30 и 34 години

Од:

Во 2015 година 29 проценти од населението на возраст меѓу 30 и 34 години во Македонија имале стекнато високо образование, наспроти 12 проценти во 2006 година, покажува последниот извештај „Од универзитет кон вработување“ на Директоратот за образование при Европската комисија, соопшти на прес-конференција заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

– Тоа е потврда на ефикасноста и ефективноста на нашата стратегија за поддршка и развој на високото образование, за што поголема отвореност на системот и поттикнување на граѓаните за вклучување во него, рече Ристовски.

Исклучително позитивниот ефект, рече тој, се должи на посветеноста на Владата и повеќето стимулативни мерки воведени во изминатите години со кои високото образование стана подостапно. Покрај намалената партиципација и дисперзираните студии, во зголемениот процент на високообразовани граѓани на таа возраст удел има и проектот 30/35, кој МОН го спроведува седма година.

Се работи за можноста повозрасни лица (мажи над 35 години и жени над 30 години) да се запишат и завршат додипломски студии. Во изминатите седум години бенефициите на овој проект ги искористиле две илјади македонски граѓани.

– Тие се запишале на некој од четирите државни универзитети што континуирано се дел од овој проект и имаат статус на вонредни студенти, плаќајќи годишен износ на кофинансирање од 200 евра во денарска противвредност. Само во оваа академска, 2016/2017 година, мерката ја искористија 130 кандидати кои аплицираа на објавениот конкурс, рече Ристовски на прес-конференцијата.

Корисниците на овој проект во изминатите седум години се пријавувале за речиси сите струки понудени со конкурсите, но најмногу за студиските програми од техничките, природно-математичките и медицинските науки.

– Согласно со реалната состојба на пазарот на трудот, тие се и дефицитарни и обезбедуваат поголема можност за вработување и економска сигурност на поединецот, додаде Ристовски.

Би можело да ве интересира

МОН: Загадувањето на воздухот во затворени простории понекогаш може да биде полошо од надворешното ако не преземеме мерки

Горан Наумовски

Во Кочани над 50 наставници останаа без работа

МОН објави конкурси за стипендии за најдобрите универзитети во академската 2025-2026 година

Јаневска: МОН со закон ќе го официјализира дуалното образование

МОН: Над 1.000 асистенти во новата учебна година ќе бидат поддршка на учениците со попреченост

МОН: Од утре ќе се исплаќа неисплатената финансиска поддршка за основци и средношколци