Министерството за образование и наука денеска информира дека ќе ги земе предвид предлозите и идеите на наставниците и професорите за подобрување на образовниот систем.
– Министерството за образование и наука го слушна гласот на наставниците и професорите, а вложениот труд и тридневната работа на работните групи кои изминатиот викенд даваа предлози и идеи како да се подобри образовниот систем – ќе бидат земени предвид, се вели во соопштението од МОН.
Од страна на работните групи составени од претставници од државните институции, наставниците и професорите, граѓанските организации и синдикати, пристигнале голем број предлози во делот на измените и дополнувања на Законот за основно образование и Законот за средно образование, вклучувајќи ги и предлозите кои се однесуваат на децата со посебни образовни потреби.
– Праксата на „отворени врати“ и вклучување на сите засегнатите страни ќе биде принцип на работа на Министерството за образование и наука, затоа што само преку ваков инклузивен процес може да се обезбедат добри законски решенија и заштита на јавниот интерес, стои во соопштението.
Ова, како што се наведува, е основа која ќе биде натаму анализирана и дискутирана, а предлозите ќе бидат јавно достапни и отворени за дебата со цел да се дојде до најдобри законски решенија.