Државниот просветен инспекторат констатираше низа нерегуларности и непочитувања на законите од градоначалникот на Гостивар и на локалната самоуправа во постапките за разрешување и именување на директори на училишта, соопшти МОН реагирајќи на прес-конференцијата на Општина Гостивар во врска со повторното назначување поранешни директори на училишта во општината.
Станува збор за нерегуларна постапка, наведува МОН, која градоначалникот ја повторил двапати што е и основа за одземените ингеренции на општината во областа на образованието и задолжување за градоначалникот за враќање на состојбите.
-Образованието е сфера во која политиката не смее да се интегрира и да предизвикува штети по однос на образовниот процес на учениците. Образовните институции мора да имаат раководни лица кои нема да дозволат во ниеден момент и по ниеден основ да биде нарушен процесот на едукација и воспитување на учениците. Затоа МОН, согласно со преземените ингеренции од Општина Гостивар и почитувајќи и постапувајќи по одлуките на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, со кои се усвојуваат жалбите на незаконски разрешените директори на училиштата во Гостивар, донесе решенија за нивно враќање на работните позиции од кои биле незаконски разрешени, соопшти МОН, нагласувајќи дека „не постапува самоволно и по желба на поединци, туку исклучиво во согласност и со почитување на правните прописи“.