Министерството за надворешни работи на Република Македонија го осуди инцидентот со оштетените гробови на грчки војници од Првата светска војна, во локалитетот на Валандово, извршено од засега непознати сторители.
Во соопштението до медиумите се наведува дека веднаш по добивањето на првичната информација, преземени се сите неопходни мерки со максимален ангажман од надлежните органи во државата за расветлување на случајот.
– Министерството за надворешни работи на Република Македонија, остро го осудува овој непримерен акт. Воедно истакнува дека добрососедските односи не можат, ниту пак ќе бидат заложници на изолирани акти на насилно однесување извршени од поединци, стои во реакцијата на МНР.
Грчката канцеларија за врски во Скопје вчера информира дека непознати сторители ги оштетиле грчките воени гробишта во Валандово. По налог на министерот за надворешни работи Димитрис Аврамопулос, шефот на Канцеларијата за врски доставил формална протестна нота до македонското МНР, со која се бара од властите да го осудат инцидентот и да ги преземат сите неопходни чекори да се пронајат и казнат сторителите.