Мнозинството пратеници бараат ефикасност во расправата за Зврлевски

Од:

Собранието на Република попладнево ја продолжи расправата по предлогот за разрешување на Јавниот обвинител Марко Зврлевски во која мнозинството побара од опозицијата ефикасност во расправата и таа побрзо да заврши, а опозицијата искажа подготвеност за тоа само доколку претходно се донесат измените на Законот за јавно обвинителство што ги предложија.

Координаторот на СДСМ Томислав Тунтев ги повика колегите од опозицијата да бидат ефикасни за, како што рече, час поскоро започнување на реформските процеси. Додаде дека тие како мнозинство ќе направат се за оваа расправа да трае пократко, иако имаат желба да кажуваат многу.

Упати апел до опозицијата да се сведе расправата на нормална и разумна која нема, како што рече, да не доведе до пролонгирање на целата оваа работа затоа што сите граѓани на РМ и целата меѓународна јавност, рече. чекаат разрешување на Зврлевски за конечно да почнат процесите.

– Наша желба е да дискутираме за сите девијантни појави и неправилности и се она што незаконски се случувало во тоа Обвинителство. Меѓутоа, со најдобра намера и со најчесни пориви уште еднаш го упатувам апелот и се надевам дека пратеничката група од опозицијата ќе ги сфати најискрено овие апели и дека ќе завршиме што е можно поскоро, истакна Тунтев.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека може да се очекува нормална расправа ако има нормални предлози.

Според него овој предлог е без никакви анализи, бројки, ефекти и очекувања, со него предвреме се завршува мандатот на јавниот обвинител и оти за да има нормален тек треба разговор и наоѓање заедничко решение, а за што, како што рече, е предложена постапка за измена на Законот за јавно обвинителство.

– Се надевам дека личните желби и личниот однос кон институциите ги оставаме надвор од оваа сала и овде одлучуваме за сите граѓани на РМ. Апелирам до пратениците од мнозинството овде да ја прекинеме расправата и утре да ги разгледаме на седница измените на Законот за јавно обвинителство, рече Димовски и додаде дека не се подготвени, како што рече, да дадат амин на политизација на одредена институција.

Повеќе пратеници се откажаа од својот збор, меѓу нив и Ирена Стефковска од СДСМ која во име на конструктивност замоли денеска да се заврши расправата по оваа точка, бидејќи, како што рече, нема човек во земјава кој не копнее за правда и сигурност.

Таа потенцира дека ќе гласа за разрешување на јавниот обвинител бидејќи, рече, нема доверба во Обвинителството водено од Зврлевски.

Павле Богоевски потенцира дека се предлага менување на јавниот обвинител кој, како што рече, ја уништи независноста на институцијата.

За него е неприфатлив предлогот на опозицијата за измени на Законот за ЈО со кое опозицијата ќе го предлага јавниот обвинител, се додека не се расчистат, како што рече, нивните криминали.

Фросина Ременски истакна дека разрешувањето се прави не заради политички цели, туку за правно издржани аргументи.

Таа посочи дека согласно член 68 од Законот за јавно обвинителство предвидува разрешување на ЈО поради тешка дисциплинска повреда или поради несртручно вршење на работата и оти во рок од 30 дена се поднесува и се процесуира соодветен акт и аргументи за повредата.

Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Марко Зврлевски 30 години работи во оваа сфера и оти во своето работење не покажал никакви недостатоци или пробелми, кој за работењето на институцијата што ја предводел наназад во сите годишни извештаи немал забелешка за работењето на ЈО и за водењето на институцијата.

Во образложението за разрешување, според него, единствено што е наведено е дека не постапил во неколку случаи.

За Влатко Ѓорчев намерата за разрешување не е правда, туку неправда и оти дискусијата што се води е апсолутно партиска и политичка. Дека намерата е партизација на Обвинителството посочи и Ане Лешковска од ВМРО-ДПМНЕ.

Нејзинот сопартиец Драган Данев исто така потенцира дека ова е политичка хајка и политички реваншизам од новото мнозинство и оти нема ниту еден аргумент од предлагачот за разрешување.

Лилјана Кузмановска посочи дека нема други аргументи за разрешување освен што е наведено дека не постапил по случајот Актор и Македонска банка.

Седницата ја прекина претседателот на Собранието Талат Џафери по барање на Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ заради православниот празник Павловден. Продолжението на оваа седница ќе биде дополнително закажано.

Би можело да ве интересира

На 28 мај закажана конститутивната седница на Собранието

Новиот состав на Собранието треба да се конституира најдоцна 20 дена по изборите

Митрески: Борбата за работничките права не престанува никогаш

А1он

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски