Во чест на Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господов – Крстовден, во свештената Раичка обител на светиот великомаченик Георгиј Победоносец, во дебарското село Рајчица, беше одржана архиерејска литургија со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј.
И на утринската и на свечената празнична вечерна богослужба, присуствуваа голем број верници, потомци на некогашните жители на ова село, дебрани како и верници од многу градови од земјава. За сите нив сестринството на манастирот подготви вечера, а денеска и ручек.
Манастирот „Св. Ѓорѓи Победоносец“ се наоѓа во во селото Рајчица, на околу два километра од Дебар на десната страна на патниот правец Дебар-Маврово. Тој е женски манастир и е метох на познатото македонско древно светилиште „Свети Јован Крстител“, попознат како Бигорски манастир.
Се претпоставува дека е основан во почетокот на XIV век, како метох на Бигорскиот манастир. Сепак точната година на изградба на манастирските конаци е 1835 година во времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник.
Црквата била зографисана и живописана во периодот од 1840 до 1852 година од зографот Михаил и монахот Данаил од Бигорскиот манастир, додека долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зограф од Тресонче.
Од 2003 година Раичката обител се удостои да стане Кивот во кој се чуваат светите, благоухани и исцелителни мошти на Великомаченикот Георгиј, кои се тука благодарение на отец Партениј.
Ако има место каде што природата ги дала сите убавини, тоа, секако е овој манастирот. Чистиот воздух и погледот врз Дебарското Езеро само ја надополнуваат убавата глетка на уште поубавиот возобновен манастир кој, поради белата фасада, го нарекуваат “Снежна кралица”.
Манастирот има две манастирски слави, Ѓурѓовден кој е патрон на манастирот и Крстовден, денот кога се осветени возобновените конаци.