ВМРО-ДПМНЕ бара уставно дефинирање на бракот како заедница на маж и жена, додека СДСМ одбива да ги поддржи и смета дека бракот е веќе дефиниран во Законот за семејство.
Владејачката партија го оправдува барањето за уставно дефинирање на бракот, сомневајќи се дека СДСМ кога ќе дојде на власт, ќе го промени сегашниот став и ќе побара легализација на хомосексуалните бракови. Во жестоката дебата на 72-та седница на Собранието, опозицијата обвинува дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се потсмеваат и си играат мајтап со Уставот и дека по 10 години, самите тие тајно ќе посакуваат некој законот да го промени.
Пратеничката од редовите на СДСМ, Ана Павловска – Данева вели дека нејзината партија е против менување на Уставот за прашања кои не претставуваат уставна материја, туку треба да бидат законска материја.
– Тоа е веќе дефинирано одамна. Немате поддршка ниту од опозицијата, ниту од коалицискиот партнер. Кое мнозинство на граѓани го поддржуваат ова, кои групи или поединци, како што викате вие? Предлагате промена на Уставот, а ниту неговите предлагачи не се тука. СДСМ го има дефинирано бракот меѓу мажот и жената со Законот за семејство во 1996 година – изјави Павловска – Данева.
Пратениот на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев, кој е носител на иницијативата, вели дека може денес СДСМ се согласува во врска со ставот бракот да биде меѓу маж и жена, но изрази сомнеж дека СДСМ ќе го промени својот став во наредните 10 години кога ќе дојде на власт.
– Во Мај 2012-та година, Хелсиншкиот комитет, во кој членуваат видни функционери на СДСМ, поднесе иницијатива за промена на Законот за семејство. Воедно, баравте сексуалната ориентација да се вметне во Законот за антидискриминација, донесен во 2010-та година. Кога ќе дојдете на власт, ќе сакате да го смените законот со 42 пратеници – реагира Ѓорчев.
Пратеникот на СДСМ, Горан Мисовски ги праша пратениците на владејачката партија зошто ДУИ не ја поддржува промената на Уставот во однос на ова прашање. Според него, дебатата за уставните промени во однос на прашањето за бракот кој е веќе дефиниран со Закон, претставува трошење време и замајување на јавноста, наместо да се говори за клучни проблеми со кои се соочува Македонија.
– Дали ова значи нови милиони евра за кампања и за спотови? Господине Ѓорчев, во неколку наврати ве прашав дали знаете ли што е тоа хомофобија? Тие што се хомофоби, лечат комплекси и се затскриваат зад вистината. Некакви скриени работи сакате да затскриете – изјави Мисовски.
За Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, ситуацијата во Собранието е шизофрена, бидејќи и владејчката партија и СДСМ имаат ист став во однос на тоа прашање, но СДСМ не сака да гласа и да ги поддржи. Александар Спасеновски, пак, рече дека уставното дефинирање на бракот претставува предлог на граѓаните, а не на Владимир Ѓорчев и ВМРО-ДПМНЕ.
Весна Бендевска од СДСМ, потенцира дека е срамота тоа што предлогот за измена на Уставот е напишан на половина страна хартија. Како што рече Бендевска, пристапувањето кон измена на Уставот секогаш треба да биде проследено со експертска дискусија, која до сега не се случила.
Според неа, образложението дека семејството и бракот се највисоки вредности и традиција на овие простори, не држи вода, бидејќи бракот е традиција во цел свет. Таа ги праша пратениците на ВМРО-ДПМНЕ што претставува сериозна закана на бракот.
– Уставните измени се донесуваат со двотретинско мнозинство, што во моментот овие услови не ги исполнувате. ВМРО – ДПМНЕ не поднесе ваков предлог со сериозна намера да го промени Уставот во овој дел, туку како и секогаш за добивање на политички поени. ВМРО-ДПМНЕ сака да го изврти тезата дека тие го поддржуваат бракот, а СДСМ е за геј брак. Прашањето за институција брак е доволна во Законот за семејство.
Петар Клинчарски