Министерството за правда, водено од принципот на транспарентност, на својата веб страна објави нови документи, информации и податоци што се достапни за целокупната јавност.
На интернет страната на Министерството за правда, за првпат, може да се најдат информации за буџетот на Министерството, ревизорски извештаи, правилник за систематизација на работните места и правилник за внатрешна организација, список на сите вработени лица во институцијата со службени телефонски броеви и електронска пошта.
Исто така, за првпат на јавноста и се достапни и информации што се однесуваат на заштита на укажувачи, овластено лице за заштитено внатрешно пријавување и Правилник за заштитено внатрешно пријавување, како и податоци за офицерот за заштита на лични податоци.
Покрај наведените новопоставени документи и информации, на веб страната на Министерството се достапни и план за јавни набавки, органограм за внатрешна организација, консолидирани текстови на закони и подзаконски акти, обрасци што ги користат граѓаните при доставување на поднесоци до министерството за остварување на нивните права и обрасци на барања од граѓаните за издавање на реални акти, тарифници за надоместоци за издавање на реални акти, листа на информации од јавен карактер и лице задолжено за информации од јавен карактер, листа на регистри и контакт од Министерството за генерални информации. Исто така јавно се достапни и биографиите на министерот, заменик министерот и државниот секретар.
Јавноста, како што соопшти Министерството за правда, може да се запознае и со планираните активности на Mинистерството за правда преку најавите кои се поставуваат на почетната страна од официјалната веб страна.
Сите наведени документи се достапни на www.pravda.gov.mk.