„Врз основа на Законот за општата управна постапка, денеска министерката за локална самоуправа Ширет Елези ги огласи за ништовни решенијата на директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа за запирање на примената на одлуките на советите на општините: Ранковце, Куманово, Прилеп, Велес, Охрид, Кичево, Петровец, Пехчево, Чучер Сандево, Ресен, Сопиште, Тетово, Чашка, Пласница, Теарце, Аеродром, Гази Баба, Битола, Чаир, Карпош, Свети Николе, Чешиново Облешево, Центар Жупа, Струга, Старо Нагоричане, Гевгелија и град Скопје.
Решението за поништување на конкретните решенија на директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа е донесено врз основа на констатираните повреди на повеќе материјални закони.
Имено, во конкретниот случај ниту е извршен инспекциски надзор, ниту е изготвен записник од страна на инспектор, ниту е обезбедено правото на приговор на записниците од страна на градоначалниците и советниците кое е загарантирано со Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа, затоа што записници воопшто и нема. Наводите во образложението на директорот на инспекторатот дека по службена должност извршил надзор на одлуките на Советите, не се во согласност со одредбите од законот на кои се повикува, затоа што надзор може да биде извршен само од страна на инспектор кој е единствен овластен за тоа.
Инспектор ниту извршил надзор, ниту подготвил решение, затоа што не е потпишан на решенијата, ниту подготвил иницијатива до Уставниот суд,затоа што не е потпишан на иницијативите. Исто така не е испочитувана законската одредба за задолжително објавување на актите донесени од директорот на инспекторатот на веб страната на Министерството за локална самоуправа, во рок од три дена од нивното донесување.
Оттука горенаведените решенија донесени од директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа се само чин на самоволие на директорот на инспекторатот, кој согласно законот не е инспектор и нема инспекциски надлежности и овластувања“ се вели во соопштението на Министерството за локална самоуправа.