Министерството за култура: СДСМ се обидува да ја дефокусира јавноста

Од:

Министерството за култура ја изразува својата длабока загриженост поради степенот на непознавање и неинформираност на првиот човек на таканаречениот Совет за култура на СДСМ, кој постојано се обидува да ја дефокусира јавноста од успешно спроведените стимулативни мерки и проекти на Министерството за култура, велат од министерството.

Во текстот стои:

Господине Алаѓозовски,

Ве потсетуваме дека резултатите од Конкурсот за превод на автори од РМ на другите странски јазици се во повеќе наврати соопштени јавно и транспарентно, на прес-конференции кои ги организираше Министерството за култура во присуство на голем број автори, стручната комисија и медиумите. Сумите се утврдени според јасно поставени критериуми и мерила од стручна комисија и тие се на ниво на најдобрите европски практики во оваа област, речиси на нивото на најпрестижните грантови, на ТРАДУКИ и Европската комисија. Конкурсот за странски издавачи е само една од стимулативните мерки што ги спроведе Министерството за култура во изминатиот период и навистина радува податокот што оваа мерка беше поздравена од страна на сите автори и институции во Република Македонија.

Република Македонија е една од ретките држави во регионот и пошироко која вложува големи средства во областа на литературната и издавачката дејност. Ќе ве потсетиме на Годишната програма во која редовно се поддржуваат проектите на многу приватни издавачки куќи, меѓу кои и на вашата издавачка куќа „Готен“. Министерството за култура секоја година, континуирано спроведува и откуп на книги со кои се збогатува библиотечниот фонд на установите низ државава.

Исто така, за прв пат во Република Македонија се реализираат и голем број капитални проекти кои ја афирмираат македонската литература и творештво во меѓународни рамки. Ова се реални, мерливи и остварливи проекти, г. Алаѓозовски, и во тој контекст, од позиција од која не можете да понудите контрааргументи или реализирани проекти од ваков вид во времето на вашето владеење, сосема е непотребно да навлегувате во материја која не ви е позната.

Што се однесува до конфликтите, нив ги препознаваме само во вршењето на вашата функција, претседател на Советот за културата на СДСМ, и вашата огромна желба да аплицирате на конкурсите на Министерството за култура од каде што добивате финансиска поддршка за вашите проекти. Ве повикуваме, кога и да посакате, да не посетите во Министерството за култура, каде што ќе можете да ја погледнете целокупната документација од реализацијата на Конкурсот за странски издавачи, а со задоволство ќе ве информираме за високиот степен на реализација на сите проекти од Националната стратегија за развој на културата 2013-2017.

Би можело да ве интересира

Левица: Министерот – глумец контра правата на културните работници

Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“

Македонскиот КИЦ во Загреб еден од партнерите на хрватската кино премиера на „Приказната за Силјан’

За наградата „Роман на годината“ во „трка“ 45 романи

„Матица“ го објави мега-хитот „Разоткривање“ од Зорана Шулц – продолжението на „Вкусот на гревот“ на македонски

Излезе од печат првата разгледница „Поздрав од Голо Брдо“