Законот за Јавното обвинителство е еден од клучните закони преку кој ќе се цени спремноста на нашата држава да создаде правна основа за сериозна борба против криминалот и корупцијата, тврди Миистерството за правда.
Според нив, донесувањето на овој закон, ќе биде еден од најважните критериуми за донесување одлука за почеток на преговорите со ЕУ. Донесувањето на овој закон, е дел од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017 – 2022 година, во која се дадени рамките и основите на реформата во оваа област. Заради исполнување на обврските од Стратегијата,
Министерството за правда во април 2018 година, отвори процес на подготовка на Законот за Јавното обвинителство. Работната група составена од јавни обвинители, судии, домашни и странски експерти, изработи законски текст кој на 4 декември 2018 година, беше објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Паралелно со него, беше објавен и посебен Закон за СЈО, кој ги отсликуваше ставовите на СЈО.
,,Заради транспарентност на процесот, двата закони беа објавени и се очекуваа коментари на истите. Беа организирани и работилници на кои се дискутираа одредени решенија содржани во двата законски текстови. Двата текста беа дебатирани и на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, со цел да се слушнат мислењата за решенијата содржани во нив. Во целиот процес, сите, вклучувајќи ги и невладините организации можеа да дадат сопствени ставови, коментари и предлози за подобрување на законскиот текст. Изготвените законски решенија беа испратени и до надлежните институции кои исто така се произнесуваа по нив.
Правилата за објава на законските текстови на ЕНЕР беа целосно испочитувани, од причина што врз основа на коментарите и мислењата коишто стасаа од сите заинтересирани, беа земени предвид при конечното формулирање на законскиот текст”, се вели во соопштението.
Според министерството, согласно правилата, текстот на законот може да се менува и на самата владина седница, и не е предвидено секоја измена којашто се работи во министерствата да биде објавена на ЕНЕР.
„Всушност, тоа е и поентата, врз основа на коментарите, на најшироката јавност на која законот се прави достапен преку ЕНЕР, да се изработи конечниот текст којшто ќе биде пуштен во собраниска процедура.Свесни сме дека Законот за Јавното обвинителство допира различни, спротивставени интереси, и тоа можеше да се види не само во рамките на работната група, туку и во коментарите на пошироката јавност, како од експерти, новинари, претставници на невладини организации, така и од претставници на политичките партии.
Клучната цел на Министерството за правда е овој закон да создаде одржлив систем, со ефикасни гаранции за професионална борба против криминалот и корупцијата, систем кој нема да содржи скриена амнестија, ниту можност кој било да ја избегне правдата. Министерството за правда во неколку наврати укажа дека еден од клучните предизвици е разграничувањето на надлежноста меѓу СЈО и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Решението кое е предложено е на линија на предлогот содржан од работната група, составена од обвинители, судии, експерти. Во периодот на објава на законот на ЕНЕР, од невладините организации не стаса било каков поинаков предлог за измена на овие одредби.
Законското решение усвоено од Владата, содржи гаранции за автономијата и функционалноста на СЈО и тоа беше едно од прашањата кое се дебатираше и од аспект на уставност и целисходност. Ставот на Министерството за правда беше дека гаранции за капацитетно вршење на функцијата од страна на СЈО треба да бидат и се содржани во текстот на законот. Користењето на ,,бомбите“ е едно од прашањата за кое укажавме дека е посебен предизвик за постигнување согласност од 2/3 од пратениците во Собранието. По опсежни консултации, дали исклучувањето на користењето на аудио материјалите во постапките може да го наруши процесот на докажување на вина во судските постапки, превагна ставот дека нивното користење само како индиции нема да наштети на постапките кои ги води СЈО, а значајно беше да се зачува валидноста на материјалните докази прибрани досега врз основа на аудио материјалите.
На крајот, ги повикуваме сите кои можат да понудат подобри решенија за измени и дополнувања на законот, истите да ги испратат до Министерството за правда во најскор можен рок, со цел да може да се интервенира за подобрување на текстот во текот на постапката во Собранието. Би било корисно, сите забелешки да бидат придружени со конкретни предлози за подобрување на текстот. Потсетуваме уште еднаш дека услов за отворање на преговори со Европската унија е носење на Законот за Јавното обвинителство во кој СЈО ќе добие основ за трајно постоење во правниот систем на нашата држава, продолжување на постапките кои истото ги води – закон без скриена амнестија”, соопшти Министерството за правда.
Граѓанските организации – Хелсиншкиот комитет за човекови права, коалицијата „Сите за правично судење“, Институтот за човекови права, Македонското здружение на младите правници, Центарот за правни истражувања и анализи, Институтот за европска политика и Фондацијата „Отворено општество – Македонија“, кои се дел од групата на организации „Блупринт“, фокусирани на следење на правосудните реформи и застапување за нивно спроведување, не се согласуваат со начинот на кој се одвива носењето на измените и дополнувањата на Законот за Јавното обвинителство.