Министерството за локална самоуправа бара Собранието на Република Македонија во најкус можен рок со измени на Изборниот законик да обезбеди законски услови за решавање на настанатиот проблем и законско функционирање на органите на единиците на локалната самоуправа и на локалната администрација.
– Со оглед на настаната состојба поради нераспишувањето на локалните избори и истекот на мандатите на членовите на советите на општините и на градоначалниците на 15-ти мај, како и по одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка по иницијативата на Министерството за локална самоуправа со која се оспоруваа член 35 став 1 и член 49 од Законот за локална самоуправа, како и членот 16 став 1 од Изборниот законик, Министерството за локална самоуправа денеска испрати писмено барање до претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, со цел во најкус можен рок да бидат преземени потребните дејствија и мерки со кои би се обезбедило уставно и законско функционирање на органите на единиците на локалната самоуправа, се наведува во соопштението од Министерството.
Тоа го бараат имајќи предвид дека датумот на одржувањето на локалните избори, како и начинот, условите и постапката за избор на членовите на советите и на градоначалниците се уредени во Изборниот законик, а согласно членот 12 став (1) од Изборниот законик актот за распишување на изборите го донесува претседателот на Собранието и со него се определува денот кога почнуваат да течат роковите за извршување на изборните дејствија и денот на одржувањето на изборите.