Министерот за правда Билен Салији денеска имаше средба со амбасадорот на САД Џес Бејли, на која станало збор за реформите што треба да се преземат од страна на Владата, реформите што треба да ја водат земјата кон зголемена ефикасност, транспарентност и спроведување на законот и евро – атлантската интеграција.
Министерот Салији му изразил благодарност на Бејли и на Владата на САД за помошта и за континуираната поддршка за развојот на правосудниот систем во Македонија.
Како што соопшти Министерството за правда, Салији изразил желба соработката и помошта од САД да продолжи и во иднина во текот на процесот на јакнење на владеењето на правото, зајакнување на независноста на судството и враќање на довербата на граѓаните во институциите на правдата.
Амбасадор Бејли му честитал на министерот Салији за неговото назначување на новата функција, нагласувајќи ја поддршката која САД ја имаат дадено на Република Македонија во областа на правосудството. Бејли изразил уверување дека САД ќе продолжи да ја поддржува Република Македонија во процесот на развојот на правниот систем.