Министерт за труд и социјална политика Диме Спасов денеска го посети Меѓуопштинскиот Центар за социјална работа во Велес и разговараше за тековните активности со вработените и директорката Зиза Кицара.
Како Министерство за труд и социјална политика, нагласи тој, се посветени на најразлични проекти, во кој е вклучен и Велес, дел преку Агенцијата за вработување, а дел преку Центарот за социјални работи, преку Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Тој говореше и за потребата за поголема информираност на граѓаните за правата и можностите што ги имаат и можат да ги остварат за социјална и детска заштита,од областа на вработувањето и пензиското осигурување .
Во врска со еднократниот отпис на долговите на граѓаните од социјалните категории во Велес, тој информира дека 950 граѓани од градот веќе имаат поднесено барање за еднократен отпис на договите.
– Апелирам до граѓаните кои ги исполнуваат условите пред се на примателите на социјална и постојана парична помош и невработените коишто подолго од 12 месеци активно бараат работа, да го поднесат своето барање до 13. октомври кога и завршува финалниот рок за поднесување барање. Целта е да ја остварат својата можност за еднократен отпис на долговите за електрична и топлинска енергија, радио дифузна такса, извршитеслки трошоци, банкарски кредит со цел да ја надминат тешката состојба во која се наоѓаат како последица на тешката светска економска криза, потенцира Спасов.
Тој воедно информира дека на ниво на Македонија има околу 32 илјади барања коишто се поднесени од страна на граѓаните, а се очекува да продолжи динамиката и сите кои ги исполнуваат условите да ја искористат оваа можност. Спасов вети дека министерството и во иднина ќе продолжи да реализира проекти во Велес.
– На пример Форумот со работодавачи со цел работодавачите да се информираат за активните мерки за вработување, како и со средби со невработените со цел да им се презентираат мерките коишто можат да ги искористат за побрзо вработување, рече Спасов.
Најави и продолжување на проектот „На секое дете му е потребно семејство“ со цел да се зголеми бројот на згрижувачки семејства.
Министерот Спасов информира дека во план е и отворање Дневен центар за слепи и деца со оштетен вид. Минатата година во Велес, потсети, се отвори Народна кујна.
Одговарајќи на новинарско прашање на проектот за летување и зимување на деца од социјално загрозени семејства министерот Спасов одговори дека во Македонија две илјади деца го искористиле правото на летен одмор во одмаралиштето во Струга. Овој одмор се реализира во изминатите три години,а со него се опфатени над 8 илјади деца,од кои 6 илјади искористиле летен одмор, а 2 илјади зимски одмор.
– Проектот ќе продолжи и оваа зима во зимските центри во Македонија, во декември ќе биде аплицирањето, а ќе се искористи во јануари 2015, за оние деца кои ги исполнуваат условите, а ќе продолжи и понатаму, најави Спасов.
На новинарско прашање дали за Дневен центар за деца со оштетен вид и други потреби ќе се користат простории на стариот велешки театар, министерот Спасов одговори дека за тоа веќе разговарале со локалната власт и пратениците.
– Во опција се и простории на Агенцијата за вработување каде одамна функционира и Дневен центар за деца и млади со посебени потреби. До крајот на годинава ќе се прави проценка во рамки на буџетот да се одбере најсоодветното решение за отворање на Дневен центар за лица со оштетен вид во Велес, појасни министерот Спасов.