Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски и градоначалниците на Неготино и на Росоман, Ванчо Апостолов и Стојанче Лазов денеска го пуштија во употреба патот кој ги поврзува селата Курија и Паликура, во должина од 3 километри, за што се инвестирани околу 350 илјади евра.
– Се работи за многу значаен пат за развој на овој регион со што се скратува патот од Неготино за Росоман за цели 11 километри. Патот е значаен и за лозарите кој претхоно одеа по многу лош пат. Сега имаме модерен асфалтен, пат така ова дополнително ќе придонесе за развој на земјоделството во овој регион. Овој пат беше ветен од страна на двајцата градоначалници и од страна на Владата, изјави министерот Јанакиески.
Претходно, нагласи тој, градоначалникот на Росоман исто така со средства од Европската банка го реконструираше патот од Росоман до Паликура, со што овој дел од Република Македонија со изградба на овие два патишта добива еден нов лик.
Јанакиески информира дека во фаза на постапка е избор на компанија за изградба на уште педесетина локални патишта на територијата на Република Македонија.
Градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов истакна дека ова е еден меѓуопштински проект, а инвеститор е Агенцијата за државни патишта.
– Со ова им овозможивме на земјоделците од двете општини, лозарите од Неготинско и овоштарите од Росоманско, но и сите граѓани, полесно да стигнуваат на одредени дестинации, рече Апостолов.
И според градоначалникот на Росоман Стојанче Лазов се работи за мошне важен проект.
– Токму овде се наоѓа локацијата за изградба на винарии. оваа локација сега станува уште поатрактивна за потенцијалните инвеститори, изјави Лазов.