Делегација од Министерството за одбрана (МО) предводена од министерот Талат Џафери денеска и утре ќе учествува на сеопфатниот регионален министерски состанок во Брдо, Крањ, Република Словенија.
Во рамки на регионалните министерски средби, денеска ќе се одржи состанок на министрите за одбрана на земјите членки на САД – Јадранската Повелба на тема „Заеднички одговорности и приоритети во одбраната во услови на економската криза – придонес кон регионалната и глобалната безбедност“.
Како што соопшти МО, министерот Џафери ќе има обраќања на двата засебни панела кои се дел од состанокот на земјите-членки на групата А5.
Според агендата, утре ќе се одржи министерски состанок на Процесот на соработка меѓу министерствата за одбрана на Југоисточна Европа (СЕДМ) на кој свое обраќање ќе има и министерот Џафери.
Сеопфатниот министерски состанок се одржува на иницијатива на Република Словенија, во насока на рационализација на регионалната одбранбена соработка во Југоисточна Европа и регионот на Западен Балкан. Состаноците од овој формат се чекор напред во координацијата, синхронизацијата и продлабочувањето на регионалната соработка.