Министерот Бесими во посета на Турција

Од:

Министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими денеска и утре ќе претстојува во Република Турција, каде ќе оствари средби со министерот за национална одбрана, Исмет Јилмаз и со началникот на Генералштабот на Турските вооружени сили, генерал Неџдет Озел.

Посетата на министерот Бесими е во насока на утврдување и проширување на билатералната соработка со Република Турција, која воедно, претставува одличен пример за соработка во регионот и пошироко.

Исклучителното пријателство и меѓусебното почитување ќе бидат потврдени и на средбата на министерот Бесими со неговиот турски колега, министерот Јилмаз на која ќе стане збор и за поддршката на Република Турција во процесот на евроатлантското интегрирање на Република Македонија и поддршката за уставното име на Република Македонија во рамките на Алијансата.

Една од темите за кои ќе стане збор за време на посетата е и несебичната материјална поддршка од Република Турција, како најголем донатор на опрема чија вредност досега изнесува околу 18,5 милиони долари. Дел од таа поддршка е и неодамнешното донирање на седум возила од типот „Лендровер“ и едно возило „Кобра“, со вкупна вредност од 710.000 долари. Дијапазонот на соработката со Република Турција се проширува и со програмите за едукација и обука, согласно кои во моментов шест припадници на АРМ се упатени на школување во Република Турција.

Министерот Бесими за време на посетата ќе има средби и со претседателот на Комисијата за национална одбрана, Огуз Каган Коксал и со претставник на потсекретаријатот за воена индустрија, Мурад Бајар, а ќе се запознае и со капацитетите на турската компанија за софтвери и системи поврзани со одбраната, „Хавелсан“.

Воедно, истакнувајќи ја големата почит на Република Македонија кон таткото на модерна Турција, Кемал Ататурк, министерот Бесими ќе положи венец во мавзолејот и ќе го посети музејот Ататурк.

Односите помеѓу Република Македонија и Република Турција во областа на одбраната се развиваат уште од 1994 година, кога Турција прва упати воено аташе во Македонија. Истата година беше потпишана и првата Спогодба за соработка, додека првата донација за АРМ пристигна токму од Република Турција.

Би можело да ве интересира

Шпанија e под притисок: Мора да троши повеќе на одбрана

Членовите на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТO во „контрола“ на касарната „Илинден“

Сиљановска-Давкова: Безбедносните закани бараат големи вложувања во одбраната, напредните технологии и оружја

Горан Наумовски

Лафчиски: Нашето членство во НАТО е гаранција за мир и стабилност во земјата

Во сообраќајка се преврте возило на АРМ, едно лице е повредено

На воениот отпад во Ѓорче Петров се истепаа двајца војници на АРМ