Министерката Канческа-Милевска се сретна со актерот Вишка

Од:

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска се сретна со актерот Висар Вишка, по повод наградата за сценарио која словенечкиот филм „Шангај Џипси“, ја доби на престижен филмски фестивал од А-категорија во Монтреал, Канада. Во овој филм Вишка ја игра главната улога.

Фестивалот на светски филмови во Монтреал е на исто рамниште како и филмските фестивали во Венеција и во Берлин и е најзначајна и најголема филмска ревија во Северна Америка. Филмот е словенечка продукција и едно од најскапите остварувања кои се снимени во Словенија.

Ваквите награди се големо признание за творечкиот потенцијал на македонските актери кои последиот период добиваат шанса својата уметничка креативност да ја презентираат и во странските продукции, како и во театарски претстави, рече Канческа-Милевска.

Министерката му ја честита наградата на Вишка, му посака успех и можности за интернационална филмска кариера. Верувам во Вишка, потенцира таа, кој е реномиран и добар актер.

Вишка истакна дека за заминувањето на овој фестивал добил поддршка од Министерствиото за култура и од македонскиот амбасадор во Виена, Ѓорѓи Филипов кој посредувал за да добие виза.

Тој информира дека на Фестивалот во Монтреал досега не учествувал ниту еден македонски филм или македонски актер.

Меѓу 150-тина знамиња таму првпат се вееше македонското знаме и на мојата акредитација пишуваше Македонија, потенцира Вишка и додаде дека филмот им се допаднал и на публиката и на жирито.

Добивме една од најдобрите награди, за сценарио, смета Вишка, што значи дека филмот е одличен.

Според него, филмот е љубовна и фамилијарна сага, која трае повеќе од два часа. Се работи за четири генерации  од една ромска фамилија. Во словенечкиот филм Висар ја игра главната улога на Лутвија Белмондо Мирга, ромски „крал“ кој решава да направи свое ромско село кое го именува Шангај. Партнерка во филмот му е актерката Асли Бајрам. Во „Шангај Џипси“ помала улога има и нашиот актер Сенко Велинов, а неговиот лик се вика Муфти Салкановиќ.

Македонската публика ќе има можност да го погледне овој филм во ноември во рамки на Фестивалот на европски филм „Синедејс“.

Би можело да ве интересира

Вечерва официјално се затвори МТФ Денови на комедија Куманово 2025 при што се доделија и наградите

Предраг Петровиќ

Објавен е регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“ за 2025 година.

Предраг Петровиќ

Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ вечерва го затвора 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“: Боите на фолклорот на Јуруците за мене како кинематографер беа највпечатливи, рече Наум Доксевски

Вчера вечер во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово се отвори МТФ Денови на комедија 2025 година.

Предраг Петровиќ

Од печат излезе нова книга на Авдулах Рамчиловиќ: “Има време”

„Матица македонска“ го објави романот „Турчинот шахист“ од Шурбатовиќ во превод на македонски јазик