Минимално подобрување на активната транспарентност годинава, на врвот на табелата Министерството за одбрана

Од:

Центарот за граѓански комуникации денеска го објави рангирањето на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер изработен во март 2020 година, во кое се вклучени сите министерства, Владата и општините.

Според Индексот, активната транспарентност на сите 98 вклучени институции (министерствата, Владата и општините) за 2020 година изнесува 58,2 проценти (од максимално можни 100 отсто) и според градацијата на нивоата, спаѓа во „просечна“ активна транспарентност. Активната транспарентност во 2020 година е подобрена само за минимални 2,2 процентни поени во однос на лани, кога изнесувала 56 проценти.

Како што соопшти Центарот за граѓански комуникации, кај министерствата, по три години континуиран пораст, во 2020 година се забележува стагнација и дури и мало намалување на активната транспарентност. Таа годинава изнесува 77,1 проценти, за разлика од ланските 77,6 посто.

– Сепак, активната транспарентност на министерствата сè уште е значително подобра од онаа на општините, која изнесува 54,5 проценти и по неколкугодишното намалување бележи пораст втора година по ред, се вели во соопштението.

За првпат во последните пет години откако се изработувал овој индекс, едно министерство се наоѓа на врвот на табелата. Годинава на прво место со најголема активна транспарентност е Министерството за одбрана (97,9 посто), следено дури од осум општини, меѓу кои прва е Велес (94,4 проценти).

– Во однос на регионите, нема промена од лани. На прво место е Источниот Регион (68,3 посто), додека на последно останува Скопскиот Регион (44,4 отсто), додаваат од Центарот за граѓански комуникации.

И натаму најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите, и тоа министерствата 42, а општините само 36 посто од информациите што треба да ги објавуваат.

– На барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер што им беа испратени на сите во ист ден и со исто прашање, општините одговорија во просек за 24 дена (лани за 21 ден), а министерствата за 26 дена (лани за 34 дена), иако максималниот законски рок е 20 дена. Во овој рок одговорија само 40 проценти од институциите, додека останатите 60 отсто го прекршија законот, се наведува во соопштението.

Индексот на активна транспарентност се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.

Би можело да ве интересира

Шекеринска и Димитров на 22-от Меѓународен симпозиум „Сими”

Ана Ололовска

Министерката Шекеринска го посети Кампот за обука на вода на Армијата во Охрид

Ана Ололовска

Шекеринска: Да ја носите униформата со чест и достоинство

Ана Ололовска

Пристигнаа новите униформи за Армијата

Ана Ололовска

Шекеринска од Криволак: Армискиот полигон ќе стане и одличен ресурс за НАТО

Ана Ололовска

Шекеринска: Екологијата не е загрозена со армискиот полигон Криволак

Ана Ололовска