ПН: Со потрошени речиси еден милион евра досега, Македонија премалку инвестира во подобрувањето на условите на студентите со инвалидитет. Покрај проблемите со пристапот до јавните установи, студентите не располагаат со потребниот дидактички материјал за учење. Иако треба да биде носител на промените во образовиот процес, Институтот за дефектологија нема технички помагала со асистивна технологија. Одредбите кои ги наметнува Конвенцијата за права на лицата со инвалидност се само препишани и вметнати во Националната стратегија, а во реалноста нема никакви значајни резултати. Македонија има бројни закони, но малку права за лицата со хендикеп.
– Паркирани автомобили на тротоарите, шуми од билборди, отворени шахти, а јас чувствувајќи се небезбедно и без придружник патував до факултет. Внатре немаше звучна сигнализација за студентите со оштетен вид, ознаки со Браево писмо, ниту пак дел од библиотеката беше адаптиран за студентите како мене. Сепак, најголем проблем имав кога чекав во армија редици од студенти, кој посакував да биде простор прилагоден со Браево писмо или некаква звучна сигнализација.
Со со голем труд и упорност и покрај големите потешкотии во текот на образовниот процес, дипломираната правничка Ирена Б. се соочувала од почетокот на студирањето до земање на дипломата в рака. И покрај сите потешкотии, таа верувала во себе дека никој не може да го покори нејзиниот бабаитлак.
– Поголемиот дел од професорите, материјалите за подготовка на испит, ми ги праќаа преку е-пошта и со помош на говорната синтеза го совладував материјалот. Но, проблем ми создаваа одредени професори, кои не сакаа да ми ги дадат книгите во електронска верзија. Единствено решение беше да ги купам книгите и да побарам помош од Сојузот на слепи да ги снимат во звучен формат – вели Ирена.
Недостигот од литература која е напишана на Браево писмо му задава главоболки и на студентот по новинарство Н.С, кој има целосно оштетен вид. Тој се чувствува непријатно кога треба да подготвува испити, па мора да ги вознемирува пријателите да му помогнат да биде спремен за сесијата која чука на прагот.
– Успевам да најдам заеднички јазик со професорите, кои имаат висок степен на толеранција кон мојот проблем кога доцнам за семинарските задачи. Но, се чувствувам непријатно, поради фактот што им скратувам од слободното време на пријателите, да дојдат и да го прочитаат материјалот, а јас ги снимам на диктафон – раскажува студентот.
Законот за високо образование им обезбедува права на студентите со хендикеп, а обврска е на универзитетите да ги почитуваат. Според член 150, студентите на сите степени на високото образование кои се без родители, слепи, глуви, инвалиди од прва и втора група, мајки со деца до шестгодишна возраст како и хоспитализираните лица имаат право на посебни погодности утврдени со статутот на вискообразовната установа. Законот за високо образование, во член 9 вели дека јавните универзитети ги ослободуваат лицата од прв и втор ред на инвалидитет од плаќање партиципација. Парите за партиципација на овие студенти се покриваат од буџетот на Македонија. И членот 35 од Уставот на Македонија напоменува дека државата мора да обезбеди посебна заштита на лицата со инвалидитет и да создава услови за нивно вклучување во општествениот живот.
Институтот за дефектологија без асистива технологија за студентите
Иако вработените во студентските служби пружале отпор за споделува ње информации, сепак дефектологот Ангела Чинговска упорно се борела да дојде до бараните информации за подготовка на нејзината дипломска работа. Таа успешно дипломира на темата „Студентите со инвалидност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 2011 година. Нејзиното теренско истражување меѓу академските граѓани, даде поразителни резултати поврзани со нивната вклученост во високото образование. Таа објаснува дека иако Македонија е потписник на Конвенцијата за правата на лицата со посебни потреби на ОН, состојбата на студентите со инвалидитет е далеку од добра.
– Освен тоа што повеќето факултети своите згради ги прават пристапни за студентите со инвалидност, посебни прилагодувања нема. Во текот на студиите, тие вложуваат многу напори за да го совладаат потребниот материјал, бидејќи не располагаат со потребниот дидактички материјал, На пример Браеви книги, лупи, толкувачи на знаковен јазик, асистивна технологија. Студентите се незадоволни од неостварените права кои треба да им ги задоволи високото образование – вели Чингоска.
Владата донесе Закон за знаковен јазик во 2008 година. Со овој закон, на лицето со х ендикеп му се овозможува употреба на знаковниот јазик само 30 часа во текот на годината. Членот 4, пак, им овозможува на глувите и наглуви лица, право да го употребуваат знаковниот јазик право на употреба на знаковниот јазик за секојдневни животни потреби во случај доколку глувоста претставува пречка.
Професорот на Институтот за дефектологија, Зоран Киткањ вели дека тој лично предложил амандмани кога законот бил во фаза на подготвување. Неговиот предлог бил лицата со инвалидитет да имаат толкувач во период од 100 часа годишно на товар на државата. Притоа, состојбата на студентите кои имаат проблем со учење на материјалот ја оценува како лоша.
– Ние ги преработуваме пишаните материјали во звучна форма. Немаме технички помагала со асистивна технологија кои можат да го олеснат работниот процес на студентите. Конвенцијата обврзува создавање на услови за прифаќање на студентите со посебни образовни потреби. Но, тоа подразбира широк спектар на активности, пристап до канцеларија и бифе, спортски цетар, тоалети, широки ходници, што кај нас го нема – објаснува Киткањ.
Анкета: Половина од студентите со инвалидитет тешко го совладуваат на материјалот за учење
Истражувањето на Чингоска го соочи високообразовниот систем со проблемите во кои се наоѓа и донесе поразителни резултати. 47 студенти со инвалидитет се евидентирани на факултетите при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 2011 година. Од нив 30 студенти се со телесна инвалидност, 2 со оштетен слух, 5 студенти со оштетен вид, 5 со хронично заболување и 5 студенти со комбинирани пречки во развојот.
Според резултатите од истражувањето спроведено меѓу вработените во студентските служби и студентите со инвалидност на „Св. Кирил и Методиј“, двајца студенти доброволно плаќаат партиципација за студирање, единствено поради срамот кој го чувствуваат. Само на три факултети постојат пристапни рампи и лифтови кои им овозможуваат прилагоден пристап на лицата со посебни потреби. Се работи за Правиот факултет и Факултет за политички науки, кои се наоѓаат во иста зграда и Електро – техички факултет. На Екоомскиот факултет постои само пристапна рампа на влезот во зградата, додека Архитектонскиот и Градежиот факултет како и на останатите нема прилагоденост на инфраструктурата.
Од анкетата, пак, спроведена меѓу 31 студент, 20 отсто изјавиле дека имаат потешкотии при полагањето на испитот, без разлика дали се работи за усно или писмено полагање. На прашањето дали се задоволни од своите права кои ги остваруваат во рамките на универзитетот, само 3,3 отсто одговориле позитивно, 39 отсто се изјасниле негативно, а дури 58 отстодека се делумно задоволни од остварувањето на своите права. Како проблем се појавува и резултатот кој покажува дека половина од студентите имаат потешкотии при совладување на материјалот, а како причини се наведени обемниот, неразбирливиот материјал и техничките причини. 15 отсто, пак, полагаат со дополнителна помош, односно со помош на друго лице.
Македонија е обврзана да собира податоци за студентите со инвалидитет!
Во 2006 година, Собранието на Македонија ја ратификува Конвенцијата за права на лицата со инвалидност, усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации во декември 2006 година, а ја потшиша на 30 март 2007 година. Законот за спроведување на Конвенцијата стапи на сила во 22 декември 2011-та година, по објавување во Службен весник. Според член 41 од Конвенцијата, земјите потписнички се обврзуваат да собираат соодветни информации, вклучувајќи и статистички и истражувачки податоци, со цел да обезбедат формулирање и спроведување на политиките на оваа Конвенција. Тие преземаат одговорност за ширење на овие статистички податоци и обезбедување на пристап до нивна лицата со инвалидност и на другите.
Иако побаравме информација, сепак не успеавме да добиеме одговор од Ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски за бројот на студенти со инвалидитет во 2013 година.
Од Министерството за труд и социјала, пак, не даваат конкретен одговор за нивниот број. Тие образложија дека во Пописот на населението во 2011 година, биле вклучени сет прашања со кои требало да се обезбедат податоци за бројот на лицата со попреченост.
Начинот на кој се собираат статистичките податоци за студентите со инвалидитет е навидум едноставен, но сепак не дава точни информации. Во студентските служби постои список на студенти кои се ослободени од плаќање партиципација, со што во таа група спаѓаат студентите со инвалидитет. Но, сепак ваквиот број мора да се земе со резерва, бидејќи постојат студенти кои доброволно плаќаат школарина, само да не се почувствуваат дискриминирани од околината.
Ако носите наочари наочари и тешко се качувате по скали – вие сте инвалид!
Прашалникот кој Министерството за труд и социјала го вметнал во Пописот на населението за добивање статистички податоци за бројот на лицата со инвалидитет, содржи нелогични прашања. Тие се однесуваат на потешкотии со концентрација или помнење, качување по скали, потешкотии со видот иако носите наочари, проблеми со слухот иако користите апарат за слушање. Исто така, се спомнуваат и потешкотии за да се грижите сами за себе (облекување и хранење) како и проблем во комуникација со другите, односно дали ги разбирате и дали сте разбрани.
Од Здружението за студенти со хендикеп ваквата формулација ја сметаат за катастрофална. Тие испратиле своја листа со прашања до Државниот завод за статистика за тоа како треба да изгледа испитувањето, но биле одбиени.
Претседателката на Здружението, Даниела Стојановска вели дека добиле одговор оти податоците не се прибираат за да се увидат здравствените проблеми на лицата, туку кои се потешкотиите со кои се соочуваат во секојдневието.
– Само оние кои имаат здравствена документација се категоризираат во таа група. Но, доколку се оди според логиката на Заводот за статистика, секој втор-трет човек носи наочари. Тоа значи дека 500-600 илјади луѓе се инвалиди – коментира Стојановска.
За „Националната стратегија“ потрошени 5 милиони евра
Од Конвенцијата, државата ги препиша сите нејзини препораки и ги вметна во „Националната стратегија за еднаквост и недискриминација за периодот 2012-2015 година“. Со потпишувањето на Конвенцијата, Македонија се обврза да ги укине постојаните закони и пракси кои претставуваат дискриминација и да донесе соодветно законодавство и административни мерки за спроведување на правата.
Одредбите од „Националната стратегија“ предвидуваат обезбедување достапност на лицата со инвалидитет пристап до сите образовни, здравствени културни центри. Понатаму, користење нови информатички и комуникациски технологии за лицата со инвалидност, вклучувајќи и интернет. Државата е должна да обезбедува обуки за мобилност на лицата со инвалидност како и обезбедување стручен кадар кој ќе работи со нив. Земјите потписнички ги преземаат соодветните мерки за вработување наставници, кои се квалификувани за знаковниот јазик и/или Браевата азбука.
Министерството за труд и социјална политика, за спроведување на „Националната стратегија“ досега се потрошени 60 милиони денари. односно речиси 1 милион евра. Додека, пак, за имплементација на социјалните и економските права се предвидени 300 милиони денари, односно 5 милиони евра.
Од Министерството за труд и социјала објаснуваат дека подобрувањето на квалитетот во образованието на студентите со инвалидитет се постигнува со континуирано подобрување на просторно – техничките услови во високообразовните институции.
– Се работи на опремување со компјутери, внесување на дигитални содржини во наставата, употреба на специјализирани наставни материјали, за што е набавен Брајов печатач за печатење на наставни материјали и помагала. Воедно, преземаме мерки да обезбедиме лицата со попреченост да бидат на еднаква основа со останатите, од аспект на прилагодена физичка средина, транспорт, вклучувајќи информатички и комуникациски технологии. Тука е и проектот синтеза на говор, кој овозможува генерирање на аудио говор од електронски содржини на македонски јазик, кое е од исклучителна важност за слепите лица и лицата со оштетен вид – одговараат од МТСП.
За објектите кои ги посетуваат лицата со попреченост да бидат прилагодени на нив се промени и Законот за градба. Од Министерството нагласуваат дека сите објекти мора да бидат конструирани и пролагодени на лицата со попреченост, со што им се овозможува неограничен пристап, движење, престој и работа. Инвеститорот има обврска да ги усогласи стандардите за пристапност при изградба на нови објекти и е пропишана глоба за прекршителите. За заштита на човековите права на оваа група граѓани, како што велат од МТСП, Македонија го има Законот за народен правобранител чија одговорност за следење на состојбите „паѓа“ на еден од неговите заменици.
Во 2010 година донесен е и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Тој содржи одредба која гласи дека „Дискриминација на лица со ментална и телесна попреченост постои и тогаш кога нема да се преземат мерки за отстранување на ограничувањата, односно прилагодување на инфраструктурата и просторот, користење на јавно достапни ресурси, или учество во јавниот и општествениот живот“.
Невладини организации: Државата не’ поддржува морално, но не и финансиски
Центарот за асистивна технологија „Отвори ги прозорците“ постои веќе 8 години. Прагот на нивните простории го пречекориле повеќе од 130 студенти, а голем дел од нив им останале лојални до ден – денес. Во моментот, Центарот го посетуваат две студентки. Едната има комбинирани потешкотии (оштетување на видот и слухот), а другата физичка попреченост (церебрална парализа и е корисничка на инвалидска количка). Притоа, работат и со девојка која има оштетување на видот. Таа е матурантка и планира од септември да се запише на Музичката академија.
Нивната мисија е преку користењето на компјутер, студентите да станат самостојни и независни во работата. Според нив, многу потешко е доколку студентите имаат статус на „зависни“, па пишаниот материјал мора некој друг да им го прочита. Покрај проблемот на кој наидуваат со непристапност до објектите, тие имаат потреба од лични асистенти за поддршка во движењето и останатите активности.
– Министерството за труд и социјална политика не го регулира ангажманот на личните асистенти, па грижата останува на товар на семејствата. Ние постоиме да помогнеме колку е во наша можност. Поддршката од државата е само декларативна, но не и финансиска – објаснува Маргарита Гулевска од „Отвори ги прозорците“.
Ниту Здружението на студенти со хендикеп не може да стапи во контакт со институциите. Претседателката на Здрижението, Даниела Стојановска, вели дека претходниот министер за образование, Панче Кралев никогаш не ги повикал на средба, очигледно мислејќи дека нема потреба. Средба во четири очи нема остварено ниту со Ректорот на УКИМ, иако испратиле барање.
– Стоиме на ставот дека ваквиот однос говори за една институционална маргинализација на студентите. Не пронајдоа начин да не финансираат, иако тоа го ветија МОН и Министерството за труд и социјала. Но, се’ уште нема пуштено никаков абер. Ќе не бараат на Светскиот ден на лицата со хендикеп на 3 декември само за сликање. Останатите 364 денови не постоиме за нив – остро реагира Стојановска.
Таа ја коментира и одлуката на Министерството за труд и социјала да доделува нов паричен надоместок за мобилност и слепило. Ова право го имаат луѓето во инвалидски колички и кои се тотално слепи. Ваквата одлука Стојановска ја смета за дискриминација, затоа што не го добиваат сите групи кои имаат инвалидитет, туку само една одделна.
– Градот Скопје почнувајќи од март 2005 година, со адаптиран автобус обезбедува превоз за студентите и учениците, средношколци со хендикеп вклучени во редовниот образовен процес. Од 2008 година МОН, преку Градот Скопје, на располање ни отстапи и едно комбе, комплетно адатирано за корисниците на инвалидски колички. На тој начаин се надмина еден од основните горливи проблеми на студентите со хендикеп, т.е. неможноста редовно да ги следат предавањата и вежбите. Од друга страна за сите студенти со хендикеп кои студираат и за време на студиите живеат во Скопје или пак се постојани жители на Градот Скопје на кои природата на хендикепот им дозволува користење на јавниот градски превоз, Градот им обезбедува бесплатни годишни билети за кои како што објаснува Стојановска, градот има правилник направен врз база на посебни критериуми и класификации кој може без пари да ги користи услугите на ЈСП.
Но, таа е присебна со барањата и вели дека мора да постои механизам да не се претерува со нив.
– Лицата со хендикеп не треба секогаш да имаат само бенифиции. Ако јас имам право, значи имам и обврска. Не може по секоја цена се’ да имаме. Се противам на барањата да имаш привилегии и да те третираат како посебна група, а од друга страна да сакаш да си еднаков со сите – изјави Стојановска.
Здружението се’ уште држи канцеларија со дигитална опрема, која извесно време функционирала како центар за учење на компјутери за студенти. Сега работат според народната: „Колку пари – толку музика“ бидејќи не се во состојба да одржуваат обуки со студенти, поради фактот што немаат овластен и сертифициран специјалист кој ќе држи обука.
– На времето плаќавме асистенти од 3000 – 5000 илјади денари за помош. Факултетите тоа не го направија. Нашите проекти имаат ограничен рок траење, од година на година. На Запад постојат асистенти кои помагаат не само во рамките на факултетот, туку и во домашни услови – вели Стојановска.
Студентите за личен асистент ги бирале членовите на семејството!
Во 2006 година, Здружението на студенти со хендикеп први донеле луѓе од Србија со цел да го спроведат проектот „Личен асистент за студентите со ивалидитет“. Им дозволиле на студентите да изберат личност која ќе им помага во извршување на дневните активности. Во првите 6 месеци тие ги избрале своите родители, иако персоналната асистенција подразбира раскинување секаква можна врска со семејството.
Затоа Здружението во вториот дел од проектот, а подоцна и во реализација на овој проект преку поддршка на различни странски и домашни донатори, објави екстерен конкурс во два дневни весници на кои се пријавија млади луѓе кои беа заинтересирани. Во текот на спроведувањето на проектот, тие успешно ја извршувале фунцијата личен асистент. На тој начин, како што вели Стојановска, Македонија за прв пат имаше можност да види како фунционира вистинскиот модел на лична асистенција.
Студентите во Хрватска имаат индивидуализиран начин на полагање испити
Хрватска, како земја која наскоро ќе се приклучи на европското семејство, води посебен третнам кон студентите со инвалидитет. Универзитетот во Загреб им обезбедува самостоен начин на полагање на испитот. Начинот на прилагодување на потребите на студентот се разликуваат од кандидат до кандидат во однос на специфичноста на оштетувањето.
Кога студетите кои имаат инвалидитет поднесуваат барање за прием на факултет, кандидатите во документите го пишуваат и начинот на кој сакаат да го полагаат приемниот испит и колкава е потребата за прилагодувањето. Притоа, кандидатот мора да го поткрепи своето барање со документација која докажува дека навистина е потребно прилагодување.
Петар Клинчарски
(Авторот е апсолвент на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста. Текстот е дел од истражувачката приказна по предметот Истражувачко новинарство)