Милошоски и Аљити избрани за потпретседатели на Собранието

Од:

Пратениците Антонио Милошоски и Рафиз Аљити се двајцата нови потпретседатели на Собранието, додека третото потпретседателско место останува празно поради неучеството на опозицијата во работата на Парламентот. Милошоски и Аљити денеска дадоа свечени изјави во Собранието.

Лилјана Затуровска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека оставеното празно потпретседателско место за опозицијата говори дека  Собранието води сметка околу екипирањето на телата и за застапеноста на сите политички партии во нив заради ефективност и конструктивност при донесувањето на одлуките од исклучителна важност за развојот на нашата држава.

– Искрено верувам дека и ова место за брзо време ќе биде исполнето и дека конечно и кај опозициската СДСМ ќе завладее разумот, ќе излезат од таа нивна партиска затвореност во која се наоѓаат и како и останатите партии ќе застанат на страната на демократијата, користејќи ги демократските алатки токму тука во домот на демократијата придонесувајќи и застапувајќи ги интересите на оние граѓани кои на неодамнешните избори својот глас им го доверија токму на СДСМ сметајќи дека овде достоинствено ќе ги претставуваат, рече Затуровска.

Го искажа, како што рече, своето задоволство, за предложените кандидати кои долги години се на политичката сцена, со богато професионално и политичко искуство што ќе има исклучителен атрибут во креирањето на работите и надлежностите на Собранието.

Сашо Василевски истакна дека со назначувањето на Милошоски за потпретседател на Собранието со сигурност ќе бидат спроведувани сите парламентарни процедури.

Пратеникот Амди Бајрам искажа поддршка за кандидатурата на Милошоски, но исто така посочи дека има забелешка и во однос на изборот на третиот потпретседател на Собранието. Смета дека бидејќи опозицијата не учествува во работата на Собранието, тој треба да биде избран од редовите на ДПА или тоа да биде Роза Топузовска Каревска.

Пратеникот Џеват Адеми истакна дека со кандидатурата на Рафиз Аљити на најтранспарентен начин ДУИ ги искажува очекувањата за неговата улога и придонес во градење на демократските капацитети на Парламентот.

– И двете најголеми претставнички субјекти во овој Парламент ВМРО-ДПМНЕ  и ДУИ го докажуваат патот на политичката зрелост и градењето на капацитетите за зголемување на меѓусебна доверба, нешто што се докажува и денес, рече Адеми. 

Би можело да ве интересира

Марина Димовска избрана за нова генерална секретарка на Собранието

Предлог законот за дополнување на Законот за енергетика, по скратена постапка, проследен на натамошна постапка во Собранието

Верификувани мандататите на новите пратеници

Собранието ќе ги пополни местата на пратениците кои станаа министри

Критики за програмата и кадровските решенија од опозицијата, прва половина од собраниската седница за избор на новата влада

Мицкоски: Државата е во клиничка смрт, институциите се доведени пред пропаст