Денес сакам да ја искористам оваа прилика за апел до парламентарното мнозинство да не ја одолговлекува темата за измена и дополнување на пасошите. На 12-ти февруари поднесовме Предлог на Закон за измена на важењето на патните исправи со Република Македонија кои што се валидни и се бара смена само на еден датум. Датумот 12.2.2024 година да се замени со датумот 31.12.2024 година, изјави Антонијо Милошоски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
– Овој хаос кој што е создаден со пасошите намерно или случајно од претходниот министер Оливер Спасовски станува преголем товар за граѓаните, чии што слободи и права за движење се драстично повредени, но исто така се повредени и нивните потреби за посета во странство, лекување, образование, семејни обврски и слично.
650 илјади граѓани на Република Македонија се затворени во Република Македонија, без право да излезат од државата со што се прекршува членот 27 од Уставот на Република Македонија кој што гарантира слободно излегување од Република Македонија и се прекршува Европската конвенција за човекови права и слободи, членот 2 кој што ја дава истата гаранција. Овие правни акти се со повисока правна важност од Законот кој што бараме да се смени.
Затоа, апелирам на разум до пратениците од СДСМ и ДУИ, овој проблем кој што го креираа и секој ден станува се поголем, да бидат човечни, да го надминеме со една мала, но многу битна измена на Законот за пасоши исто како што го направивме со возачките дозволи и им го олеснивме животот на граѓаните кој што претходно беше загрозен со некои несовесни законски решенија. Она што ни е кажано од Собранието е дека овој Предлог закон поднесен од ВМРО-ДПМНЕ пред 10 дена се уште е на превод, но навистина сме зачудени што има толку да се преведува во преведувањето на датумите. Ние бараме датумот 12.02.2024 година да биде заменет со датумот 31.12.2024 година. Се гледа дека и сегашниот Претседател на Собранието не одлучува сам, веројатно во негово име одлучуваат Талат Џафери и Бујар Османи кои што се против решавање на овој проблем кој што го имаат граѓаните. Затоа, апелирам и преку Вас медиумите, ова законско решение што побрзо да се најде на собраниска седница, имаме Барање за итна седница, има закажано седница на 28-ми февруари, кога и да сметаат дека е згодно, но што е можно побрзо, да го решиме овој секојдневно растечки проблем – Милошоски.