На првата седница на Управниот комитет на проектот „ЕУ за општините” со кој претедава министерот за локална самоуправа Горан Милевски беше потврдено дека во наредните три години во општините Велес, Радовиш, Тетово, Аеродром, Врапчиште, Охрид, Струмица и градот Скопје ќе се реализираат големи иновативни проекти во вкупна вредност од 5,5 милиони евра.
Средствата за реализација на проектите ги обезбедува Европската Унија, а кофинансирањето од 15 проценти го покрива Министерството за локална самоуправа со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка.
– Благодарение на поддршката од ЕУ, со реализацијата на овие проекти ќе се направи суштинска промена во квалитетот на живеење во овие општини. Министерството за локална самоуправа тргнувајќи од интересот на општините и бенефитот за граѓаните го прифати предизвикот да го обезбеди кофинансирањето од 15 проценти, во што ни помогна Швајцарската агенција за развој и соработка, со што им даваме шанса и на помалите општини кои што самостојно тешко ќе можеа да ги обезбедат овие средства, рече министерот за локална самоуправа Милевски кој ја истакна и големата корисност од техничката поддршка што ја обезбедува Европската Унија како гаранција за успешно имплементирање на проектите.
Претставникот од Делегацијата на ЕУ, Штефен Худолин забележа дека општините покажале голем интерес, со 58 апликации на јавниот повик.
– Ова е голем успех за нас, затоа што во пракса две третини од средствата на ЕУ за поддршка на државите се имплементираат на локално ниво. Колку подобро ќе се организираме толку подобро ќе се одвива процесот на апсорбсија на средствата, а во пракса земјите што се поподготвени за реализација на ЕУ средствата, побрзо се движат во процесот на интеграција во Европската Унија, рече Худелин кој истакна дека ЕУ е најголемиот донатор во земјата и 40 проценти од ИПА буџетот се имплементира во општините.
– Проектот ЕУ за општините им помага на општините, но и општините покажаа успешност со понудата на проекти од високо иновативен карактер во сферата на урбаната мобилност, заштита на животната средина, социјалната инклузија. Не само овие, сите општини треба да добијат поддршка, искрено се надевам дека на крајот сите ќе бидеме задоволни од имплементацијата на проектите, рече претседателката на ЗЕЛС и градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.
– Поврзувањето на општините со Европската Унија е важно за развој на нови иницијативи како што се и овие проекти кои што се резултат на доследна проценка на потребите на граѓаните, рече претставничката на Секретаријатот за европски прашања Зуица Змејковска.
Координаторот на програмата “EУ за општините”, Карл Џацинти информираше дека постојат можности за финансирање и на нови проекти за подобрување на транспарентноста во спроведувањето на јавните набавки, за изработка на локални планови за обновливи извори на енергија, а Европската Унија има и многу други програми кои што им стојат на располагање на општините.
Од одобрените осум проекти, два нудат иновативни решенија за управување со цврст отпад, два проекти се за подобрување на урбаната мобилност, и по еден проект за социјална инклузија на лица со попреченост, за дигитализација на локалните услуги, за енергетска ефикасност и за иновации за развој на туризмот. Додадена вредност на проектите е што се имплементираат во соработка со граѓанскиот сектор и со општини од земји членки на ЕУ, со можност проектите да се реплицираат и во други општини во државата. За размена на искуства и за поддршка на имплементацијата ќе биде креирана електронска платформа која што ќе им биде достапна на сите општини и на надлежните институции.