Милевски: За една година ги донесовме најважните стратешки документи за локалната самоуправа и регионалниот развој кои се усогласени со политиките на ЕУ

Од:

Заедничкиот консултативен комитет меѓу Северна Македонија и Европската Унија е значаен форум преку кој разменуваме знаење и искуство на патот на интегрирање во Унијата. Го преживеавме на нозе разочарувањето од одлагањето на преговорите и продолживме со несмален интензитет да работиме на реформите. Сметаме на вашата поддршка, затоа што вие знаете колку посветено работиме на градењето на европски вредности и стандарди и преку развивање на прекуграничната соработка во регионот, унапредување на политиката на регионален развој и на процесот на децентрализација на власта, истакна на Комитетот министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Тој се обрати на осумнаесеттиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Северна Македонија и Европската Унија во кој членуваат локални власти од земјата и од земји членки на Унијата.

Милевски нагласи дека од последниот состанок на Комитетот во декември 2019 година до сега, за само една година се подготвени и донесени најзначајните документи во областа на локалната самоуправа и регионален развој кои што целосно се усогласени со политиките на ЕУ: нова Стратегија за регионален развој 2021-2031 година, нов Закон за рамномерен регионален развој и нова Програма за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026.

– Процесот на проширување на децентрализацијата го водиме во консултација со ЗЕЛС и со општините. Ќе го почитуваме ставот на локалните власти дека на општините пред се им е потребна финансиска консолидација, стабилни и предвидливи извори на финансирање и внимателно пренесување на нови надлежности со соодветни финансиски средства, додаде министерот.

Со Заедничкиот консултативен комитет претседаваат градоначалниците на Крива Паланка Борјанчо Мицевски и на словенечката општина Трбовље, Јасна Габрич, која истакна дека проширувањето на Европската Унија е подеднакво важно и за Северна Македонија и за Европската Унија затоа што тоа ќе значи слободно движење и соработка на граѓаните и на институциите.

– Почетокот на преговорите бара многу напори, многу време, но се надевам дека ќе може многу брзо да ги отстраните пречките кои што произлегуваат од билатерален спор, зашто и други земји членки на Европската Унија имаат нерешени спорови, но не ги спречуваа своите соседи во процесот на интегрирање во ЕУ, рече Габрич.

На состанокот се обратија и претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов, амбасадорката Агнеса Руси, како и претставникот на ЕУ од директоратот за добрососедство, Дејвид Кален.

-Процесот на проширување е процес на заслуги, Република Северна Македонија има резултати и процесот на напредување мора да продолжи, важно е да бидат вклучени и Владата и локалните власти и опозицијата и граѓанското општество, рече Кален.

Известувачот на Комитетот на региони Никола Доброславич кажа дека ставот на ЕУ е дека сите земји од Западен Балкан треба да станат членки на Унијата со исполнување на критериумите за членство, ја имаат поддршката на Европската Унија, а во процесот на евроинтегрирање е многу важна улогата на локалните власти, особено во развојот на локалната демократија и принципите на добро управување.

Во тематскиот дел, осумнаесетиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет беше посветен на размена на искуства и на идеи на локалните власти од Северна Македонија со локалните власти од земји членки на Европската Унија за пост ковид периодот и одржливото опоравување на општините.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Локалната самоуправа има три пати повеќе доверба од народот за разлика од власта

Пенов: Со изградба на стационар Владата го решава проблемот со бездомните кучиња во девет општини во Вардарскиот регион

Ана Ололовска

Пенов: Не сме задоволни од ангажманот на општините во прибирањето на сопствените средства

Ана Ололовска

Пенов: Со барањето за „заедница на албанските општини“ некој сака да лови политички поени

Ана Ололовска

Димитровски поднесе оставка од функцијата заменик-министер за локална самоуправа

Ана Ололовска

Со отвора новата ИПА3 Програма за финансирање на проекти за прекугранична соработка со Грција во вредност од 33 милиони евра

Ана Ололовска