Главната цел на проектот „За одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ е да се намалат разликите во развојот меѓу и во рамките на планските региони, што ќе придонесе за подобри услови за живеење на сите граѓани. Процесот ја следи логиката на трите главни компоненти на проектот, секоја покривајќи соодветни активности, истакна министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Тој на денешниот управен одбор на кој заседаваше комитетот во кој членуваат Кабинетот на заменик претседателот на Влада задолжен за економски прашања, Министерството за локална самоуправа и Швајцарската амбасада, рече дека заеднички водат проект што е во вредност од пет милиони швајцарски франци, од кои 3,320,000 се придонес од Швајцарија.
– Првата компонента е од Кабинетот на заменик претседателката, останатите компоненти се на Министерство на локална самоуправа, преку кои ги поддржуваме планските региони и центрите на планските региони, со иновативни проекти. Во изминативе две години се реализираа проекти кои што се во интерес на граѓаните, меѓутоа со Швајцарците не застанавме само тука, тие помогнаа и во изградбата на монтажната болница за Ковид-19, која што е пред Клиниката за инфективни болести, во износ од 260 илјади швајцарски франци, нагласи Милевски.
Тој посочи дека денеска било дискутирано дека во следниот период ќе ги подобрат условите на учениците во село во општина Долнени, така што ќе се реновира училиштето како и ред други проекти кои се наменети за идните генерации.
– Очекуваните резултати од проектот се подобрена правна рамка за регионална политика и зајакнати капацитети на националните институции надлежни за спроведување на регионалната политика, заклучи министерот за локална сапоуправа.