Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска учествуваше он-лајн на вториот „Балкански Форум – Тесалоники“ заедно со потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас, како и министрите од Грција, Адонис Георгиадис, министер за развој и инвестиции, Такис Теодорикакос, министер за внатрешни работи, Кирјакос Пјеракакис, министер за дигитално управување, како и министри од Албанија, Бугарија, Романија и Србија.
Поздравувајќи ја иницијативата на грчката Влада и поддршката на Европската Комисија, за вмрежување на сите релевантни субјекти од регионот, Милевски истакнат дека овој Форум е одлична можност да се разговара на теми кои што се клучни за развојот на целиот регион.
– Пред се од аспект на нашите европски перспективи. Соработката, размената на знаење и на искуство и взаемната поддршка се најдобриот начин за зголемување на конкурентските предности на овој регион и за негова целосна интеграција во Европската Унија, потенцирал Милевски.
Тој, соопштуваат од Министерството за локална самоуправа, појаснил дека земјава продолжува посветено да работи на градење на мостови на соработка и развој на регионот, според европски правила, со взаемно почитување и со решавање на проблемите со дијалог и соработка.
– Со искрена посветеност на Европските вредности и со создавање на услови за подинамичен развој на регионот, ќе создаваме подобри услови за живеење за нашите граѓани. Европскиот простор значи слобода на движење, мобилност и конкурентност, споделување на знаења и искуство како и поддршка за надминување на развојните разлики меѓу земјите и регионите. Благодарение на поддршката на ЕУ преку ИПА Програмата за територијална соработка, Северна Македонија повеќе од една деценија остварува успешна соработка со своите соседи и имплементира заеднички проекти, посочил Милевски.
Заменик министерот за внатрешни работи на Грција, Теодорос Караоглу изразил благодарност за учеството на Милевски на Форумот и истакна дека Грција ќе ја поддржи земјава да биде членка на Европска Унија.
– Би сакал да потенцирам дека со соседната држава Република Северна Македонија заедно сме членки на НАТО, ние сме сојузници и се надеваме дека наскоро ќе станеме партнери, со тоа што Северна Македонија, Србија и Албанија исто така ќе станат членки на големото семејство на Европската Унија. Ние го сакаме тоа, и деклариравме дека Грција ќе ги поддржи напорите вложени од овие три држави да станат дел од големото семејство на Европската Унија. Секако, како што кажавте ние имаме многу заеднички програми, како програмите со проекти за прекугранична соработка, исто така имаме соработки помеѓу двете земји на општинско ниво, универзитетско ниво, и многу други видови на соработки во кои работите се одвиваат многу добро, порачал Караоглу.
Темата на овој форум се иновациите во бизнис секторот како клучен предуслов за економски развој. Во тој контекст искучително е важна и улогата на јавниот сектор.
Надлежно за спроведување на Програмата за прекугранична соработка е Министерството за локална самоуправа, особено со Албанија за која претставуваме лидер земја а со останатите соседи партнери. -Во актуелниот програмски период заедно со соседните земји се реализирани околу 120 проекти. Тоа значи вмрежување на институции, на организации, на општини, заедничко идентификување на предизвиците и нивно решавање. Резултатот е зголемена мобилност, споделено и акумулирано знаење, градење на заеднички вредности и развирање на свесност дека „заедно можеме да направиме многу повеќе, посочуваат од Министерството за локална самоуправа.