По повод Денот на планетата Земја, 22 април и во рамки на програмата „Добра земјоделска пракса“, денеска во Крушево беа засадени 12.500 садници.
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски кој учестуваше во акцијата, порача дека се потребни итни мерки за незаконската сеча на шумите.
– Денот на планетата Земја е важен за сите нас, зашто особено за време на пандемија надлежните утврдија најголеми неправилности со сечење на шумата. Би сакал да упатам апел дека не треба да правиме пакост со шумата, дрвјата се белите дробови на секој од нас. Овој симболичен чин денеска треба да е пример особено за локалните власти и тие треба да ги поттикнуваат граѓаните да се грижат за планетата земја, истакна Милевски.
Тој потсети и дека Министерството за локална самоуправа секоја година реализира проекти кои директно влијаат на ублажувањето на климатските промени во земјава.
На акцијата за пошумување кај споменикот Слива учествуваа и градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, како и претставници од компанијата „Секе”, поддржана од ЈП „Македонски шуми“.
– Оваа акција веќе прераснува во пракса и не е прва година заедно со СЕКЕ и ПСШ Липа да спроведуваме акции за пошумување на неколку локации. Ова денеска значи влог во иднината, влог во заштита и обновување на животната страна. Со ова ја продолжуваме соработката со Министерството за локална самоуправа, ЈП Национални шуми и секако ПСШ Липа на дневна основа. Порачувам да ја заштитуваме животната средина преку учество во вакви акции, правилно одлагање на отпад, односно незагадување за да можеме на вистински начин да ја восприемаме природата, изјави градоначалникот на Крушево, Томе Христоски.