„Гледам како мојот студент, актерот Тони Михајловски грми против ’соросоидите’ и му се чудам на умот. Па токму тој беше еден од тројцата млади актери кои со стипендии од Соросовата фондација во Македонија отидоа на семинар во Данска кај театарскиот гуру Еуџенио Барба. Се случи тоа на почетокот од деведесеттите години на минатиот век. Значи, токму Тони бил еден од првите “соросоиди“ во Македонија! Како не му е срам?!“
Вака реагираше Владимир Милчин со статус на Фејсбук, по нарачаната и секојдневна кампања за напади на фондацијата. Милчин подоцна напиша уште еден статус.
– Пајташите на Тони, Бато Димитров и Миленко Неделковски, во кампањата за укинување на моите „морбидни“ претстави „Нашиот клас“ и „Заспаниот разум раѓа чудовишта“ од сцената на ТДМ, од нигде и никаде тврдеа дека „Нашиот клас“ бил прогласен за најдобра претстава на фестивалот во Крагуевац со помош на Соросовите инсталации во Србија. За волја на вистината, во четири години, три мои претстави учествуваа на тој фестивал и освоија четири награди. Првата ја доби нивниот пајташ Тони Михајловски, за главната улога во претставата „Црвената магија“. Значи, и тогаш, пред неколку години, Тони бил „соросоид“, според Бато и Миленко. Како не им е срам да се дружат со „соросоид“? За дијагноза или за среброљубие станува збор, пишува Милчин.