Ива Михаилова од Кочани, која е обвинета во постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, заминала во Бугарија, но според податоците на македонското Министерство за внатрешни работи нема евиденција дека таа ја напуштила земјава преку официјален граничен премин.
Од МВР информираа дека биле извршени проверки во системот за гранична контрола, при што не е утврдено дека Михаилова има регистриран излез од територијата на Македонија.
„Во однос на лицето за кое прашувате, Ве известуваме дека се извршени проверки во системот за гранична контрола на Министерството за внатрешни работи, при што е утврдено дека за наведеното лице нема евидентиран излез од територијата на Македонија“, соопшти МВР.
Михаилова за Бугарската национална телевизија (БНТ) изјавила дека границата ја поминала со личните документи и дека при преминувањето немало ништо незаконско.
„Ја преминав границата со моите документи. Вчера се чувствував многу лошо. Разговарав со мојот адвокат и се договоривме – заедно одлучивме тој да дојде по мене и јас да се вратам во Бугарија“, изјавила Михаилова.
Според неа, документите биле предадени на проверка и таа и адвокатот биле пуштени да продолжат.
„Поминавме низ контрола. Немаше ништо незаконско во моето преминување“, тврди Михаилова за БНТ.
Таа најавила дека треба да биде примена на лекување во болницата „Пирогов“ во Софија, по што, како што вели, ќе следи период на рехабилитација.
