Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по распитот како сведок за предметот „Организатори на 27 април“, кажа дека немал контакт со Никола Груевски во времето кога се одвиваа случувањата во Собранието. Тој кажа дека вечерта заседавал Извршниот комитет на партијата, а Груевски се вратил од пат и тоа бил единствениот контакт со него. Прашан дали е замерен со некој од обвинетите, бидејќи пред судот рече дека „веројатно не е“, тој кажа дека сите му се пријатели.
„Се обидов да бидам вицкаст и да внесам една доза на хумор во судницата бидејќи за првпат еве се појавувам во судница, во својство на сведок, не сум бил до сега во својство на обвинет. Една чудна атмосфера, која јас за првпат ја гледам и се обидов да внесам ведрина. Инаку, да, тоа се се мои пријатели. Да, не сум со никого замерен, ниту имало зошто или било каква причина“, одговори Мицкоски, прашан зошто пред судот рече дека веројатно не е скаран со никој од обвинетите.
Мицкоски кажа дека на протестите организирани од „За заедничка Македонија“ излегувал секогаш кога времето му дозволувало.
„Тоа што го кажав во судот е дека народот тој ден, туку и неделите претходно, се самоорганизираа. Бројката варираше и до неколку илјади во други денови. На дел од тие протести може бев и јас, затоа што протестиравме против погрешните политики во најава кои тогаш беа актуелни во државата. Сметам дека тоа е начин на граѓаните да изразат револт против одредени политички девијантни однесувања на определени политички партии и структури, во тој случај беше СДСМ. Дел од тој народ кој се самоорганизираше бев јас, тогаш кога времето ми дозволуваше да давам поддршка на тие протести“, рече Мицкоски.
Прашан за мислење околу изјавата на премиерот Зоран Заев дека организатор на упадот во Собранието е Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, кажа дека протестите биле самоорганизирање на народот.
„Јас дадов изјава и внатре во судницата, дека ниту Извршниот комитет, ниту ВМРО-ДПМНЕ е дел од организацијата на ова самоорганизирање на народот кое се случуваше во тој период. Ова е очигледно дека станува збор за сериозно и жестоко монтиран политички процес кој има единствена цел да нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ, да врши терор врз активистите и членовите на ВМРО-ДПМНЕ, политички процес од кој некој профитираше, а некој загуби. Јас ценам дека по ’27 април’ сериозно загуби ВМРО-ДПМНЕ, а Влада направи Зоран Заев. Можеби тој одговор на ова прашање ќе ви послужи да истражите, кој го спроведе и зошто се случи. Никако некој што загуби од тој процес не може да биде сценарист ниту да го спроведе. Јас повеќе би се задржал на тоа кој профитираше и кој имаше бенефит. По тој ден, ништо не е исто“, рече Мицкоски.