Првпат пред европратениците ќе се најде извештај во кој во неколку наврати се споменува многувековниот, посебен македонски идентитет и јазик. Бидејќи, често пати е повторувано дека тоа не е проблем, често пати е повторувано дека тоа не е пречка за никого, очекувам европратениците едногласно да го усвојат овој извештај во кој што се потврдува посебниот многувековен македонски идентитет и посебниот македонски јазик, којшто е дел од официјалните јазици на ОН и меѓународно признат и е кодифициран во 1977 година, а неговата кодификација е завршена во 1945 година и оваа година славевме 80 години од неговото кодифицирање, изјави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање за очекувањата од претстојното јулско гласање за оваа резолуција во Европарламентот.
Како што истакна премиерот, не гледа никаква пречка ако навистина сите во државата се едногласни и тоа не бил никаков проблем.
-За жал, морам да кажам, дека повторно од Исток стигнуваат поинакви коментари и гласови, но да видиме како оваа целата работа ќе заврши. Јас зборував за единство, не така одамна од сега, кога го чествуваме Денот на Светити Кирил и Методиј, и тогаш кога повикував на единство мислев токму на ваков тип на единство, настрана од нашите дневни политики, настрана од нашите дневни политички разлики. Ги повикувам сите политички чинители во државата да се обединат и да почнат од денес да вртат на своите сестрински партии, кои имаат европратеници во Европскиот парламент. Знам дека опозициската СДСМ е дел од едно такво семејство и ги повикувам уште денес да почнат да вртат до своите сестрински партии. Истото и важи и за ЛДП, а ние денес како политичка партија ќе имаме ИК и на него ќе подготвиме стратегија како ВМРО – ДПМНЕ на лице место ќе испрати луѓе кои ќе бидат таму, во Брисел, за да продолжат да разговараат со европратениците и потребата од носењето на оваа резолуција, ќе повторам со којашто се признава посебниот многувековен македонски идентитет и посебниот меѓународно признат и верифициран македонски јазик, додаде Мицкоски во одговорот.
Подвлече дека оваа Резолуција не е дојдена туку-така, бидејќи е плод на работа што се случувала изминатите повеќе од 10-11 месеци, речиси една година.
-Уште еднаш сакам да потенцирам дека посебниот македонски јазик е факт и секој оној што ги негира и одбива да ја прифати оваа реалност е анти НАТО и анти ЕУ. Така што, било кој што ова не го прифаќа од земјите членки и било кој европратеник кој нема да гласа во насока на прифаќање на оваа Резолуција е анти ЕУ пред се и е спротивно од европските вредности дефинирани од Аденауер, Шуман и Де Гаспери многу одамна, подвлече македонскиот премиер во одговор на новинарско прашпање на денешната прес конференција на која беа претставени мерките од Оперативниот план за вработување за 2025 година.
Додаде дека медиумите кај нашиот источен сосед избројале дека четири пати во Извештајот се спомнува многувековниот посебен македонски идентитет и јазик.
Инаку, расправата за Резолуцијата во Европскиот парламент е закажана за 4 јуни, а гласањето би требало да биде во јули.