Мицкоски го поднесе предлогот за новите министерства, очекува да добие поддршка и 2/3 мнозинство

Од:

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски, денеска во Собранието поднесоа измени на Законот за организација на работата на органите на државната управа. Овие измени се потребни за да се изгласа новата реорганизирана влада и да се изберат нејзините членови.

Тој поднесе закон со кој се формираат нови министерства, дел се реорганизираат, а дел преземаат надлежности од веќе постоечки. Според него, Законот ќе помогне за подобро функционирање на државната управа. Тој очекува во петок да се најде на седница на Собранието, а до 11-ти јуни да биде изгласан.

„ Ветивме ефикасна влада и функционална држава на изборите. Суштината поради која граѓаните ни дадоа огромна доверба не се оние прашања кои што во изминатиот период беа дел од јавното мислење, кој каква заклетва дал, што кажал, кој кому нешто направил, зошто се скарал со оној итн. Туку суштината е политиките кои што треба идната Влада да ги спроведе и да ги реализира треба да донесат владеење на правото, сите оние кои што се огрешиле пред законот да одговараат пред истиот, да нема повеќе граѓани од прв ред малкумина, и многумина граѓани од втор и понизок ред како што беше што би рекол еден политичар како до сега. Да донесеме реформи во економијата, да го подобриме стандардот на граѓаните и условите во образованието, за да може секое дете на први септември да има вистински учебник пред себе, а не да се водат забелешки или да се добиваат скрипти како што беше пред неколку декади. Во здравството да не ни се случува тоа што денеска ни се случува, пациентите да ни умираат по ходниците. Да се спроведуваат реформи и за земјоделците, младите дома да ги задржиме, повисоки пензии за пензионерите. И сето тоа кое што го ветувавме за време на изборите да стане реалност и секојдневие во нашата држава. За да го направиме ова ни треба добра организација на владата.“ изјави Мицкоски.

На прашањето дали ќе го има потребниот број пратеници за да се изгласа законот, Мицкоски побара подршка од сите преставници во собранието без разлика од која партија се.

„ Не сме преговарале со поединци. Не би сакал да влегувам во расправа и да повторувам искуства од минатото и да делувам како ловец на пратеници туку да ги повикам сите едногласно да гласаат за овој закон. Непријатните искуства од минатото треба да ги оставиме во минатото. Не би сакал да влегувам во дневна политика, очекувам поддршка од сите пратенички групи. Претпоставките да ги оставиме настрана, знаете дека не сме почетници и наивни политичари да веруваме во случајности, во политиката случајности нема. Да ги оставиме работите да течат по нормален тек. Упатувам апел до сите преставници во македонското собрание да го подржат овој закон, сите едногласно да го подржат овој предлог. На тој начин ќе покажеме дека имаме една цел, а тоа е како да направиме подобро место за живеење за нашите сограѓани. “ рече Мицкоски.

Мицкоски, кој е иден мандатар на новата влада предлага отворање на Министерство за енергетика рударство и минерални суровини, бидејќи досега тоа бил еден сектор во Министерството за економија кое многу слабо ја вршел работата.

Досегашната Агенција за млади и спорт да биде трансформирана во Министерство за спорт, а секторот млади да влезе во Министерство за социјална политика, демографија и млади.

Ресорот труд да влезе во Министерство за економија и труд, а оттаму да се издвои туризмот и да биде дел од Министерството за култура.

Министерство за информатичко технологија и администрација ќе биде министерство за дигитална трансформација, со цел поголема транспарентност, отчетност и очекувањата на граѓаните од администрацијата.

„ Имено со овој нов закон кој веќе е доставен до архивата, се предвидува да бидат формирани или реорганизирани определен број на министерства во рамките на самата влада и тоа ќе започнам со министерството за економија и труд кое практично ќе биде министерство кое ќе ги опфаќа дел од ингеренциите на старото министерство за економија, а на тоа министерство ќе му биде додаде сегментот труд за да можат работодавачите и работниците да бидат во едно место и на тоа место заедно да ги реализираат своите права, дијалог и така натаму. Така што министерството за социјална политика и труд кое беше досега, ќе биде сега министерство за социјална политика, демографија и млади. Агенцијата за млади и спорт која постоеше досега нема да постои и ќе имаме посебно министерство за спорт.

Исто така дел од надлежностите кои ги имаше досега министерството за економија во делот на рударството и енергетиката ќе бидат дел од надлежностите на новото формирано министерство, а тоа е министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

Дел од ингеренциите кои што ги имаше министерството за економија посебно во делот на туризмот ќе бидат сега присоединети до новото министерство, министерството за култура и туризам.

Ќе имаме ново министерство кое што ќе има задача да спроведе еден многу важен проект кој што ќе ја зголеми транспарентноста, владеењето на правото ќе ја намали основаното сомневање за корупција во рамките на администрацијата тоа е новоформираното министерство за дигитализација кое што во суштина ќе ги наследи обврските кој што ги имаше досегашното министерство за информатичка технологија и администрација.

Ќе имаме исто така ново министерство тоа е министерството за администрација така што мислам дека со една ваква реорганизација ќе добиеме една ефикасност ќе добиеме осовременување на самата влада и ќе добиеме пред се она кое што го ветувавме за време на кампањата а тоа е да го подобриме животот и стандардот на сите граѓани во Македонија без разлика на нивната политичка и партиска припадност.“ рече Мицкоски.

Седницата за измените на Законот, според собраниски извори, треба да се одржи во петок на 7 јуни. За усвојување на новиот закон потребни се 2/3 мнозинство од пратениците.

 

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Добивам документи од свиркачи за фалсификувани записници во Судскиот совет, не знам кој глас треба да допре до ЈО за да постапи

А1он

Мицкоски „не е импресиониран“ од новото раководство на СДСМ

Мицкоски: Очекувам до следната летна или есенска сезона да има нови 100 до 120 електрични автобуси за јавен градски превоз

А1он

Мицкоски: Со банките е договорена каматна стапка од 1,95 проценти за унгарскиот кредит за компаниите

А1он

Мицкоски: Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ е платформа за поврзување на регионот со светот

На македонската вечер организирана од Владата ќе се претстават над 300 винарии и македонски специјалитети