Мицкоски единствен кандидат за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, отфрлена втората кандидатура

Од:

Иако беа поднесени две кандидатури, валидна била само таа на Христијан Мицкоски, потврдуваат за „Макфакс“ од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Вториот кандидат, чие име не го откриваат од партијата, не ги исполнил условите да се кандидира за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. На последниот ден од истекот на рокот за поднесување на кандидатурите генералниот секретар на партијата, Христијан Мицкоски, и официјално на „Фејсбук“ објави дека ќе ја бара довербата од делегатите за нов лидер на партијата.

Мицкоски вели дека голем дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ, членови на партиската структура, членови на општинските и месните комитети, како и огромен број обични граѓани му дале поддршка да преземе чекор и затоа вели дека со отворено срце ја прифатил одговорноста да поднесе кандидатура за претседател на партијата. „Мојата кандидатура е широко понудена рака за секој еден кој сака да биде дел од тимот кој ќе ја создава визијата и ќе го реализира сонот за победничка и економски напредна Македонија. Јас имам план. За нова надеж за нашата татковина, силна и достоинствена“, вели Мицкоски.

Кандидатурата на Христијан Мицкоски беше очекувана за јавноста бидејќи по оставката на Никола Груевски, името на генералниот секретар на партијата се вртеше како најсериозен можен кандидат за преземање на претседателската фотелја во белата палата, како и за личност која има целосна поддршка од Груевски. Фаворизирањето на Мицкоски предизвика револт и несогласувања кај дел од членството и раководството, што резултираше со барање за одложување на конгресот, како и формирање колективно претседателство до одржување на вонредниот конгрес.

Иницијативата на Илија Димовски, Антонио Милошоски и 50-тина други поранешни и актуелни функционери на партијата не помина на Извршниот комитет, кој доцна синоќа донесе одлука 16. конгрес на ВМРО-ДПМНЕ да се одржи на 22 и 23 декември во Валандово. Подготовките за конгресот се очекува да бидат разгледани вечерва на седница на Централниот комитет на партијата.

Г.Н.Р

Би можело да ве интересира

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од партија, ВМРО-ДПМНЕ е најголемиот македонски политички бренд

Горан Наумовски

ВМРО-ДПМНЕ ја повика СДСМ веднаш да закаже јавна расправа за Законот за игри на среќа

ВМРО-ДПМНЕ: Политиките на Владата даваат резултати

Горан Наумовски

ВМРО-ДПМНЕ: СДС нема кредибилитет да зборува за земјоделието

ВМРО-ДПМНЕ: Зголемена поддршка за младите со Оперативниот план за вработување за 2026 година

Миле Лефков, Бобан Стефковски и Зоранчо Јованчев нови членови на ИК на ВМРО-ДПМНЕ