„Моето прво прашање се однесува на Договорот за стратешко партнерство кој Македонија го потпиша со една од најмоќните земји во светот, Обединетото Кралство во вредност од 6 милијарди евра кои ќе бидат насочени кон инвестиции за развој на инфраструктурата, здравството, образованието и енергетскиот сектор. За жал овој историски договор, овој историски момент за Македонија и граѓаните очигледно опозицијата не го препознава или не сака да го препознае, не го прифаќа или не сака да го прифати, ги обвинува за задолжување на државата идните генерации. Лично сметам дека овие обвинувања се неосновани и немаат никаква логика, но сепак тоа си е нивна работа и нивни одлуки како ќе дејствуваат за овој закон или оваа ратификација на овој Договор, истакна пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски на денешната собраниска седница.
Мицевски посочи дека граѓаните гледаат и следат кој што прави, кој што зборува и кој што работи.
„Имено со цел да се расветлат сите овие нејаснотии и обвинувања од страна на опозицијата, а и за да нема никакви дилеми за граѓаните би сакал колку што е можно во овој момент подетално и поконкретно да ги објасните придобивките од овој договор и какво значење ќе има овој договор за иднината на Македонија и граѓаните?“, запраша Мицевски.
Мицевски продолжи и додаде:
„Моето прашање е во врска со оперативниот план за 2025 година кој Владата го објави во текот на вчерашниот ден. Како вовед во моето прашање би сакал да истакнам неколку работи на оваа тема и како е дојдено до сето ова. Минатата година имавме парламентарни избори на кои граѓаните дадоа огромна поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што истовремено значеше огромен и историски пораз на владата на СДСМ и ДУИ. Пораз на нивните девастирани и катастрофални политики на секое поле. Непобитен факт е дека кога ВМРО-ДПМНЕ ја презема власта наследи запрепастувачка состојба и хаос, уништена држава, испразнет и искраден буџет, економија на колена, индустрија скоро како да немаше, инфлација до небо, работници без редовни плати и уште многу негативни појави од погубното владеење на претходната влада. За разлика од тогаш веќе се забележува дека Македонија почнува да закрепнува на секое поле и пополека но сигурно оваа Влада почнува да ги решава проблемите кои ги наследи, нема да биде лесно, сигурен сум дека со работата која се вложува ќе се успее. Овој оперативен план за вработување за 2025 година е дел од тој процес на закрепнување на државата и очекувам дека ќе даде позитивен и дополнителен ефект“, рече Мицевски.
Мицевски побара од министерството за економија и труд да даде подетални информации и податоци за тоа колку лица се планира и се очекува да бидат вработени.
„Моето прашање е оттука во интерес на младите и јавноста би сакал да дадете подетални информации и податоци за тоа колку лица се планира и се очекува да бидат вработени со овој план, што содржи овој план, што може невработените лица и младите од Македонија да очекуваат од овој оперативен план за 2025 година?“, запраша Мицевски.