Германската канцеларка Ангела Меркел по средбата со премиерот на Република Македонија Зоран Заев, на заедничката прес-конференција ги повика граѓаните на Македонија на денот на референдумот да излезат и да го дадат својот глас.
– 30 септември е клучен ден за вашата држава. Излезете на референдумот и кажете што мислите за државата. Ова е историска и генерациска шанса за Република Македонија, која не треба да се испушти, рече Меркел.
Таа исто така истакна дека Македонија има покана за членство во НАТО, но за членство во Европската Унија има уште многу да сработи, вклучувајќи и успешен референдумот на 30 септември.
Германската канцеларка кажа дека нема да се сретне со претседателот Иванов, но ќе се сретне со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на кој ќе му укаже дека од клучна важност е разговорот и договорот помеѓу власта и опозицијата.
Меркел покрај другото рече дека досега 200 германски компании инвестирале во Македонија и дека економската соработка и блискоста помеѓу двете земји ќе продолжи и понатаму.
– Во Германија има 100 илјади државјани на Република Македонија, кои претставуваат на некој начин мост помеѓу двете земји. Економската соработка ќе продолжи. Нашата држава ќе донира уште 2,5 милиони евра за стручното образование на младите во Македонија, рече Меркел.
Виктор Јованов