Жртвите од тортура да не молчат и да зборуваат гласно за тортурата која им е нанесена, вели во пораката по повод Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура, народниот правобранител на Република Македонија, Иџет Мемети.
– Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура е ден кој се посветува на лицата врз кои е спроведена тортура и ден кога ја искажуваме нашата заложба за ефикасно истражување на сите облици на овој вид на повреда на човековите права. Воедно на овој ден потсетуваме дека борбата против тортурата треба да се одвива секојдневно, бидејќи истата е апсолутно забранета и недозволива без разлика која е целта заради која била сторена, се истакнува во пораката.
Оваа година, како што вели Мемети, е посветена на охрабрувањето на жртвите да не молчат и да зборуваат гласно за тортурата која им е нанесена. – Оние кои се чинители на тортурата ја сакаат тишината. Се додека вистината се замолчува постојат ризици тортурата да се повторува во местата на лишување од слобода, додава тој.
Улогата на народниот правобранител како превентивен механизам во борбата со тортура е, како што потенцира Мемети, да ги сослушаме, но и да ги охрабри жртвите да пријавуваат тортура.
– Тортурата не значи само индивидуална одговорност на сторителите преку ефикасно казнување, туку и одговорност на општеството за ефективна и континуирана поддршка на жртвите од тортура, како и преземање на мерки со цел намалување на оваа појава во иднина. Охрабрувањето јавно да се пријават случаите на тортура е значајно, бидејќи со овој чин не само што се нанесува физичка и психичка болка, туку се повредува и човечкото достоинство, како и личниот интегритет на лицата врз кои се применува, се вели во пораката.
Мемети истакнува дека за да се охрабрат жртвите од тортура отворено и гласно да зборуваат за оваа комплексна повреда на правата потребна е и гаранција која треба да ја обезбеди државата, преку законска рамка со која се забранува тортурата, но и ефикасни органи кои ќе ги преземат сите мерки во откривање и казнување на сторителите на тортура.
– Воедно поддршката на жртвите од тортура не значи само казнување на сторителите, туку и континуирана помош и рехабилитација на лицата врз кои била извршена тортура, како и постојан мониторинг на местата каде лицата се лишуваат од слобода, во насока на утврдување на можните ризици за тортура или друг вид на сурово, нехумано или сурово постапување, посочува во пораката народниот правобранител.