Народниот правобранител на РМ Иџет Мемети денеска во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на човековите права 10 Декември побара упати апел до властите и институциите доследно да ги спроведуваат законските прописи да овозможат еднаков третман за сите, затоа што, како што потенцира, само така ќе можеме да кажеме дека навистина сме изградиле „Едно општество за сите“.
– Денеска е добар повод ние бранителите на човековите права уште еднаш да ја потврдиме својата цврста заложба да работиме на промоција и унапредување на човековите права. Да работиме сите под еднакви услови да можат да си ги остварат своите со устав и закон загарантирани права. Да ги елиминираме дискриминацијата, тортурата, нехуманиот третман, да помогнеме во создавањето на услови за еднаков пристап до правото и правдата за сите. Да помогнеме децата да имаат среќно и безгрижно детство, квалитетно образование. Да докажеме дека потребата од родова еднаквост е минато. Всушност тоа е и наша основна задача, како адвокати на народот, максимално да се заложиме за нивните слободи и права, вели Народниот правобранител.
На 10 декември пред 70 години, додава тој, земјите членки на Обединетите нации одлучија на хартија да ги стават постулатите на човековите права и тој документ да го наречат Универзална декларација за човековите права.
-Сигурен сум дека во тој момент предвид ја земале нивната универзална димензија. Од тогаш овој ден симболично се одбележува како Меѓународен ден на човековите прва, како ден кој служи како потсетник дека секое човечко суштество заслужува почит, достоинствен живот и еднаков третман. Секој, Секаде, Секогаш. Ова, накратко се главните постулати на Декларацијата која низ годините стана составен дел од голем број на домашни и меѓународни документи. Таа стана основа за еднаков третман на луѓето без разлика на која раса, вера и националност и припаѓаат. Каде живеат, во која ситуација се наоѓаат, вели Мемети.
Тој потенцира дека на ваков начин еднаквоста, станала основно правило на владеење на сите држави и тоа како за нејзините државјани, така и за странците, бегалците/мигрантите, азилантите. Правото, правдата, еднаквиот пристап до сите добра, вели, станаа основно правило на живеењето во најголемиот дел од светот.
-Но, за да се дојде до сето ова требаше да поминат години, да се извојуваат многу битки. Мартин Лутер Кинг да го „отсонува својот сон“, Роза Паркс да докаже дека бојата на кожата не ја прави помалку вредна да биде во предниот дел од автобусот, Нелсон Мандела да стане симбол на борбата против апартхејдот, вели Народниот правобранител.
Ова, додава, е само мал дел од историјата за борбата за еднаквост, која за жал и денес, после 70 години се уште се води во одредени делови од светот. Денес, во 21 век, во времето на потенцира, дигиталната технологија, за жал и понатаму има земји каде жените и децата не се третираат еднакво, каде пристапот до чиста вода и електрична енергија е луксуз, каде се водат најпримитивни војни поради кои илјадници луѓе се приморани да ги напуштат своите домови и да го добијат статусот на бегалци/мигранти.